Првачињата по општество од најрана возраст ќе учат за почитување меѓу себе, а повозрасните за различностите и средината во која живеат

58

Материјалот за учење по општество за прво одделение е осмислен да ги задоволи интересите на денешните деца како што се креативноста, љубопитност и истражувањето, уверува Гликерија Илиоска, авторка на учебникот за прво одделение по предметот општество.

Илиоска, како што соопшти Министерството за образование и наука, објаснува дека богатството од илустрации, вежби, активности, кај дечињата поттикнува интерес за откривање на нови работи, истражување и искуствено учење, а со тоа води и кон развивање на повисоки мисловни операции, а не само репродуктивно повторување на факти и детали.

Според Илиоска материјалот за учење ги воведува учениците во истражување и стекнување знаења за себе, училиштето во кое учат, домот во кој живеат и средината која ги опкружува.

„Преку овој материјал првачињата ќе учат како да се почитуваат меѓу себе и како да ги почитуваат разликите меѓу луѓето. Како да се однесуваат кон природата и животната средина, кон повозрасните, но и кон своите другарчиња. И сето тоа ќе го учат на лесен, едноставен начин преку игра и решавање проблемски ситуации“, вели Илиоска.

Материјалот ги содржи основите за стекнување на знаења за родовата еднаквост, интеркултурното живеење, инклузијата и заштитата на животната средина во нашето општество и сето тоа е поткрепено со содржини кои ќе ги развијат социо-емоционални вештини на живеење.

„Се надевам дека вака подготвениот материјал кај првачињата ќе поттикне желба за учење и откривање на светот во кој живеат“, вели Илиоска.

Од МОН велат дека со стартот на новата учебна година стартува и имплементацијата на реформските процеси во основното образование кои треба целосно да се спроведат во следните 5-6 години. Учениците од прво и четврто одделение ќе учат по новата Концепција, со нови наставни програми и целосно нови учебници кои се веќе во фаза на изработка и печатење.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.