Првата дама на Лесото обвинета за убиство на својата претходничка

Полицијата во Лесото ја обвини во вторникот сопругата на премиерот Маесаја Забане Табане за убиство на првата жена на шефот на владата во 2017 година, објави јужноафриканската јавна телевизија.

„Таа и уште осум лица се обвинети за убиство“, изјавил за телевизијата висок полициски функционер.

Додал дека постојат „цврсти докази“ за вмешаноста на 42-годишната Маесаја Забане во убиството на првата сопруга на 80-годишниот Томас Табане.

Педесет и осумгодишната Липолело Табане е убиена со истрел во главата во јуни 2017 година во главниот град Масеру, два дена пред инаугурацијата на нејзиниот сопруг на чело на оваа мала држава којашто е опкружена со Јужноафриканската Република.

Двојката тогаш била во постапка на развод, а два месеца по убиството Табане и Забане се венчаа.

Во вторникот попладне Маесаја Табане се вратила во Лесото, откако претходно во јануари побегна од земјата, и се криела во Јужна Африка, соопшти полицијата. Според заменикот началник на полцијата, Мокете Пасека госпоѓа Табане ќе биде ставена во притвор и ќе биде изведенапред суд, откако јавните обвинители ќе ги подготват обвиненијата против неа.

Полицијата на 22-ри јануари во врска со убиството ги сослуша премиерот, кој под притисокот на опозицијата и сопствената партија најави оставка.

Лесото има долга историја на политичката нестабилнсота и воени удари во периодот од 1986 до 1991 година. Во една од најсиромашните земји на светот владее висока стапка на невработеност, а епидемијата на СИДА зафаќа 23 отсто од две милиона жители.