Првата група државјани на БиХ од Сирија пристигнува во среда

Првата група државјани на Босна и Херцеговина кои престојувале во Сирија и во Ирак на деловите од териториите кои ги контролираше џихадистичката групација Исламска држава би требало да биде депортирана во среда, објави во вторникот сараевскиот дневен весник Dnevni avaz.

Повикувајќи се на неименувани полициски извори, весникот наведува дека најавата за ова им е проследена на властите во БиХ и оти може да се очекува враќање на триесетина лица, од кои 7 се жени и 16 деца, додека другите се мажи, но нивната бројка сѐ уште точно не се знае.

„Имаме информација дека во средината на седмицата ќе дојде група државјани на БиХ, но не знаеме сигурно колку ќе бидат предадени“, рекол неименуван полициски функционер. Депортирањето на оваа група било најавено пред две седмици, но одложена е поради технички причини.

Сите тие во БиХ пристигнуваат од заробеничките кампови во Сирија под контрола на курдските и американските сили, а ќе бидат пренесени со лет кој го организираат САД.

Според непотврдените информации во групата треба да има најмалку седум мажи кои активно се бореле во редовите на исламистичките терористички организации и кои се заробени по поразот на Исламската држава. Меѓу нив се и имињата познати на јавноста во БиХ како Јасмин Кесеровиќ, Абдулах Чурт, Сенад Купусовиќ, Емир Алишиќ и Хамза Лабиди.

Министерот за безбедност на БиХ, Драган Мектиќ, претходно најави дека сите мажи кои ќе бидат вратени во земјата по дополнителна проверка на нивниот идентитет веднаш ќе бидат уапсени врз основа на потерници кои за нив се распишани поради поврзаност со тероризам.

Жените и децата, исто така, ќе бидат подложени на проверки на идентитетите и веријатно привремено ќе бидат сместени во мигрантскиот камп Делијаш, во околината на местото Трново крај Сараево, додека не биде решено прашањато на нивниот престој во БиХ.

Колку точно лица поврзани со БиХ сега се во Сирија и Ирак никој со сигурност не знае, но властите оперитаат со бројка од 260, од кои стотина се мажи. Според некои податоци, на слобода сѐ уште се четириестина лица од БиХ кои се наоѓаат во околината на Идлиб, во областа која е под контрола на џихадистичката група Хајат Тахрир ал-Шам, порано позната како Џебхат ан-Нусра сириското крило на Ал Каеда.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.