Првата група израелски туристи допатуваа во Охрид

На охридскиот аеродром вечерва со чартер-лет на авиокомпанијата „Аркиа“ од Тел-Авив пристигна првата група од 110 израелски туристи кои организирано оваа сезона ќе летуваат на Охридско-струшката ривиера.

Како што истакна Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“, пристигнувањето на првиот авион на „Аркиа“ за Охрид отвора нов туристички коридор меѓу Израел и Македонија, можност ценетите гости од Израел да се запознаат со природните убавини на Охридското Езеро и воопшто на Македонија, како и со културните знаменитости на Охрид, честопати нарекуван македонски и балкански Ерусалим.

Тука и можноста да ја вкусат македонската храна и македонските вина, како и да ги почувствуваат гостопримството и љубезноста на нашите луѓе, рече Крстевски на пречекот на првите туристи од Израел.

Почнувајќи од денеска заклучно со 23 октомври „Аркиа“ ќе лета три пати неделно, секој вторник, четврток и недела, на релација Тел Авив-Охрид и назад. Проценките се дека со реализацијата на 50-тината чартер летови од Тел Авив во предвидениот период во Охрид ќе пристигнат повеќе од пет илјади израелски туристи.

Анат Ахаром, потпретседател за продажба и маркетинг на „Аркиа Интернешнал“ од своја страна изјави дека како втора најголема авиокомпанија и еден од главните тур-оператори во државата, „Аркиа“ секогаш е во потрага по нови дестинации за израелскиот пазар.

Ние веруваме дека Македонија, со сите нејзини природни богатства, историја, гастрономија и згора на сè на прекрасните луѓе, за кратко време ќе стане една од бараните дестинации за одмор на Израелците, рече тој.

Менаџментот на „ТАВ Македонија“ очекува обновената соработка со израелската авиокомпанија да продолжи и во наредните години, редовно носејќи израелски туристи во Македонија.