Првата средба на Артан Груби е со албанскиот амбасадор Река

Првиот заменик претседател во македонската влада и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците, Артан Груби, денеска ја оствари првата средба со албанскиот амбасадор во Македонија, Фатос Река.

Како што информираат од кабинетот на Груби, амбасадорот Река во име на премиерот и претседателот на Република Албанија, му упати честитки на Груби за формирањето на Владата и за неговото именување во новата функција, посакувајќи му притоа успешна работа.

Река, се вели во соопштението, посочил дека нашите земји, традиционално имаат добри односи и дека истите треба да се продлабочат уште повеќе низ разни сфери.

Албанија и Македонија, како земји членки на НАТО Алијансата, ќе се заложат за реализација на заедничките проекти, а исто така, тој ја нагласи и соработката во полето на реализицијата на реформите за зачленување во Европска Унија.

Првиот вицепремиер Груби, информираат од неговиот кабинет, на средбата со Река се заблагодарил за честитките и за поддршката од официјална Тирана, истовремено изразувајќи подготвеност за продолжување на меѓусебната соработка.

Груби и Река, меѓу другото, дискутирале и за взаемната соработка и споделување на добри практики.