Првенец на Елмас во големата гостинска победа на Наполи

67

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас го постигна својот прв гол во дресот на Наполи во одличниот натпревар во кој наполитнаците славеа со 4:2 на гостувањето кај Сампдорија во последниот натпревар од 22-то коло на италијанското фудбалско првенство.

Елмас дуелот го започна како стартер и во 16-та минута на асистенција на Ди Лоренцо го постигна првенец во дресто на Наполи и во Серија А. Македонскиот репрезентативец погодокот го прослави на стадионот „Луиџи Ферарис“ во Џенова со многу емоции и солзи во прегратките на соиграчите.

Во одличниот меч Наполи поведе веќе во 3 минута преку Аркадиуш Милик, а тринаесет минути подоцна водството на гостите го удвои Елмас. Фабио Квалјарела во 26 минута со фантастичен удар од работ на казнениот простор намали, а во последните моменти од првиот дел Гастом Рамиерс имаше одлична шанса за израмнување, но ја погоди стативата.

Истиот уругвајски играч немаше среќа ниту во 55 минута, иако со прекрасни „ножички“ израмни на 2:2. Судијата Федерико Ла Пена по видеоанализата го поништи голот, бидејќи Маноло Габиадини играл со рака во почетокот на акцијата. Само пет минути подоцна, погодок му беше поништен и на Наполи, бидејќи Пјотр Зјелински бил во офсајд.

ВАР-от пресуди и во 72 минута, кога Ла Пена дури по второто прегледување на видое-снимката досуди пенал за домашните откако Манолас го фаулираше Квалјарела. Гавиадини беше сигурен од белата точка. Во 83 минута Наполи дојде до нова предност со голот на Диего Дема, а сите дилеми околу победникот ги разреши Дриес Мертенс со голот во седмата минута од судиското продолжение.
Наполи со оваа победа напредуваше за две места на табелата е и сега е деветти со 30 бодови, а Сампдорија е 16-та со 20 бодови, четири повеќе од градскиот ривал Џенова на Горан Пандев, која е 18-та и е на местото кое води во квалификации за опстанок во Серија А.

На табелата води Јувентус со 54 бодови, Интере е втор со три бода помалку, Лацио е трет со 49 бодови, додека следат Аталанта и Рома со по 39 бодови.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.