Првиот брод за Африка испловил од украинско пристаниште

Бродот „Brave Commander“ го напуштил украинското пристаниште Јужни близу Одеса, носејќи го првиот товар со храна за Африка, пренесува во вторникот агенцијата Reuters повикувајќи се на податоците од интернет ресурсот за следење на пловидбата Refinitiv Eikon.

Ден претходно заедничкиот координативен центар во Истанбул дозволи пет бродови да ги напуштат украинските пристаништа. Конкретно, „Brave Commander“ со 23,3 илјади тони пченица треба да доплови во Џибути со товар наменет за Етиопија. Според портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дужарик, ова е првиот дел на хуманитарната помош во рамките на ткн „договор за земјоделски производи“.

Украинскиот извоз на житарки е намален од почетокот на војната поради затворањето на пристаништата на Црното Море, клучниот канал за снабдување, зголемувањето на глобалните цени на храната и зголемувањето на стравувањата од недостиг во Африка и на Блискиот Исток. Но, три црноморски пристаништа беа деблокирани минатиот месец по договорот меѓу Москва и Киев, постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција, кој овозможи стотици илјади тони украински жито да бидат испорачани до купувачите.

Седумнаесет бродови веќе ги напуштија украинските пристаништа со повеќе од 475.000 тони земјоделски производи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.