Првиот човек на државата работи против македонизмот, тврди претседателот на МАНУ

Историјата од осамостојувањето на Македонија нѐ учи дека не е важно кој во моментот владее, поголем дел од оние што се наоѓаат во рововите ќе останат таму, можеби ќе сменат страни, но ќе бидат внатре во нив, т. е. во своите удобни функционерски фотелји, а борбите ќе продолжат со несмалена жестина, при што, без индикации дека воопшто ќе завршат, најверојатно ќе траат во недоглед, до целосно истребување и изумирање на Македонците, вели во интервју за „Што не е јасно“ претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев.

„Манипулациите на членовите на политичките партии делумно може да се разберат, но не да се оправдаат – тие се лукративни властољупци кои се способни на сѐ: и на продажба и на предавство. Меѓутоа, тоа што не може да се разбере се манипулациите на првиот човек на државата, чија должност е, во согласност со уставните одредби, неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија, а, сепак, толку отворено работи во функција на одредена политичка партија, поточно работи против македонизмот“ посочува академик Коцарев во интервју со новинарот Љупчо Цветановски.

Претседателот на МАНУ се осврнува и на провладината кампања која го обележува како „антиевропски елемент“, само затоа што не одговара на нивната розова слика за лагите за „напредокот“ во евроинтеграциите.

„Прашањето, за или против ЕУ, се разбира, е ирационално и бесмислено, но секогаш кога претседателот на МАНУ или некои членови на Академијата аргументирано ќе ги оспорат Преспанската спогодба и Договорот за добрососедство со Бугарија, веднаш Академијата ја добива етикетата „антиевропска“. Повеќепати сум пишувал и говорел, а верувам и дека сите членови на МАНУ ќе се согласат со мене, дека МАНУ не е против ЕУ, туку напротив, МАНУ е за ЕУ, но за Унија во која Македонците ќе бидат рамноправен и достоинствен народ со сите други народи во ЕУ“ им порачува академик Коцарев на провладините душегрижници.