Првиот ден од екстерното мина во најдобар ред

Повеќе од 20 илјади ученици денеска во најдобар ред одговараа на прашањата по првиот предмет од екстерното тестирање на учениците во завршните трета и четврта година во средните училиште.

Со денешното тестирање беа опфатени и повеќе од 2.900 наставници и 1.500 предмети од гимназиско и стручно образование.

Министерот Спиро Ристовски вели дека овојпат екстерното тестирање и целиот систем функционирале многу подобро од претходно и дека бил покажан исклучителен напредок во спроведувањето.

„Лично сметам дека ваквиот начин на екстерно тестирање и целиот овој системски пристап на министерството, Државниот испитен центар, но и со улогата училиштата, директорите, родителите, учениците и јавноста придонесе да се подобри целокупниот квалитет и содржината на овој систем, со што на крајот бенефитот од целиот овој процес ќе имаат учениците, наставниците, вкупно ќе има образовниот систем во Република Македонија,“ вели министерот.

Ристовски апелираше до директорите на училиштата за преземање на поголема одговорност и сфаќање на своите обврски во спроведувањето на екстерното тестирање бидејќи како што вели некои се обиделе да се дистанцираат од проектот.

„Поединци знаеа за овој подготвителен период да се дистанциираат од своите одговорност околу целиот овој процес екстерното не е процес на министерството, на Државниот испитен центар туку на целиот образовен систем и на сите учесници во Република Македонија“, вели министерот Ристовски.

Според информациите на министерството, тестирањето во сите средни училишта стартувало во 9,30 часот освен во тетовското „Кирил Пејчиновски“ и кавадаречката гимназија “Добри Даскалот“ поради проблеми со интернетот. Во едно скопско училиште имало неколку случаи на внесување на погрешен пин код, но проблемот бил решен за само неколку минути по што тестирањето продолжило.

Учениците, кои беа задолжени, но не се појавија на тестирањето ќе може да полагаат повторно само со соодветно оправдание. Вториот предмет од екстерното тестирање ќе се полага в петок.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.