Првиот директен лет од Израел за Катар по повод мундијалот

Првиот директен чартер лет од Израел за Катар е остварен во неделата по повод почетокот на Светското фудбалско првенство, според податоците на аеродромските власти.

Кипарската авиокомпанија „Tus“ нуди вкупно шест повратни летови од Тел Авив до Доха. Светската фудбалска асоцијација ФИФА претходно го објави договорот за директни летови за Израелците и Палестинците. За влез во Катар, со кој Израел нема дипломатски односни, потребна е навивачка легитимација, како и валиден авионски билет за патување во земјата и од неа.

Според договорот, на Израелците ќе им бидат давани конзуларни услуги во текот на Светското првенство, потврдија од министерството за надворешни работи.

Израел не се квалификуваше за Светското првенство, но се очекува дека илјадници израелски навивачи ќе патуваат во Катар. Израел притоа ги предупреди своите државјани да се придржуваат на прописите и правилата во арапската муслиманска земја.

Министерството за надворешни работи им советуваше на навивачите отворено да не го покажуваат својот израелски идентитет. Се предупредува и на казните за консумирање алкохол во јавноста.

Истовремено во неделата дневниот весник The Jerusalem Post објави дека еврејските навивачи, кои се придржуваат до религиозните правила за кошер храна, „нема да гладуваат“,  што се смета за „историски потег“, бидејќи кошер храната ќе се продава во оваа блискоисточна земја која нема дипломатски врски со Израел.

Рабинот Марк Шнајер од Њујорк, кој е влијателна еврејска фигура во муслиманскиот свет, заедно со турски рабин го најавија отворањето на првата кошер кујна во историјата во Катар во текот на отворањето на Светското првенство.

„Светското првенство на ФИФА е настан за зближување на луѓето, интеракција со различни нации, култури и вери, и правење сите да се чувствуваат вклучени и добредојдени“, рече Шнајер, кој е претседател на Фондацијата за етничко разбирање со седиште во Њујорк, глобален центар за муслиманско-еврејските односи.

Шнајер тесно соработуваше со катарските власти во изминатите пет години за да се приспособи на присуството на еврејските навивачи на Светското првенство, пишува весникот.

„Водството на државата Катар прави ‘мицва’ со тоа што им овозможува кошер храна за членовите на светската еврејска заедница, вклучувајќи ги и оние кои патуваат од Израел“, рече Шнајер. „Покрај тоа, Катарците ја следеа секоја обврска што беше преземена за да им посака добредојде на еврејските навивачи на овој престижен настан“, додаде.

Во соопштението за медиумите испратено од Шнајер, тој особено се заблагодари на Акбар ал-Бакер, извршен директор на „Qatar Airways“ за посветување на кошер кујна во „Qatar Aircraft Catering Company“ (QACC) и Атила Догудан, претседател на ВИП угостителот на ФИФА „Do&Co“ за надгледување на иницијативата „Kosher Qatar“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.