Првиот меч без публика во историјата на Бундеслигата ќе го играат Борусија М и Келн

Заостанатиот натпревар од 21-то коло на германското фудбалско првеснтво, локалното дерби меѓу Борусија Менхенгладбах и Келн, која е на распоредот во средата 18,30 часот, ќе се игра без гледачи поради опасноста од ширењето на коронавирусот, одлучи градоначалникот на Менхенгладбах, Ханс Вилхем Рејнерс.

Така, ова ќе биде првиот натпревар во историјата на најелитното натпреварување во германскиот фудбал, кое во овој формат е започнато во 1963 година, кој ќе се игра без гледачи.

Средбата меѓу Борусија и Келн во Менхенгладбах требаше да се одигра пред еден месец, но беше одложена поради невреме.

Но се очекува дека ова ќе биде само првиот во низата бундеслигашки мечеви кои ќе се играат пред празни трибини, бидејќи германскиот министер за здравство Јенс Шпан во неделата донесе препорака да се откажат сите настани со повеќе од 1.000 лица, а водството на лигата најави дека планира сезоната да ја заврши според првичниот распоред, односно кон средината на мај.