Првиот „World Vranеc Day“ следната седмица во Скопје

Годинава првиот „Светскиот ден на Вранецот“ ќе биде одбележан во Скопје, на 5-ти октомври, а организатор е асоцијацијата „Wines of Macedoniа“ во соработка со производители на Вранец од регионот.

Како што истакнува Елена Младеновска – Јеленковиќ, извршна директорка на здружението „Wines of Macedonia“, Вранецот е извонредно значајна сорта грозје кое доаѓа од ова поднебје и неопходно е светот да ја запознае, а ова е извонредна можност да се претстави.

Светскиот ден на Вранецот ќе биде на исто ниво како и другите меѓународни денови кои со децениите ги слават многубројните сорти ширум светот. Од друга страна, одбележувањето на одредена сорта може да донесе многу бенефити меѓу кои и позиционирање на пазарот, но и зголемување на продажбата. Нашиот регион ќе биде препознатлив како вински и ќе им ја отвори вратата и на другите сорти вино, укажува во разговорот за порталот Story Младеновска – Јеленковиќ.

Годинешнава манифестација има цел да ја претстави сортата со која се гордее Балканот. Она што е потребно, е повеќе да се промовираат регионалните сорти на светската винска мапа во наредниот период да се промени и на којашто Балканот ќе заземе значајно место.

Сите вина кои содржат Вранец се изразено овошни, а во нив доминира аромата на капината, темна зрела слива и нота на слатки зачини, додека купажата ја дава структурата и полноста, како и афинитетот на натамошно зреење.

„Настанот има извонредно значење за винската индустрија и се тежнее кон тоа да се гради препознатливоста на Балканот како вински регион и, секако, да се зголеми волуменот на продажбата на сортните вина Вранец на меѓународниот пазар. Сакам да истакнам дека ќе имаме извондедно ценети гости од светот, а меѓу нив се Master of Wine експерти и вински новинари како Каролин Гилби, Питер Меккомби, Дарел Џозеф, Робер Пол Блум и други“, гордо истакнува Младеновска – Јеленковиќ.

Уште една од целите која е поставена е забрзаниот развој на лозарството и производството на вино во насока на експоненцијален раст на квалитетот на виното. Се тежнее кон производство на органско вино кое е сѐ побарано во светот, а меѓу нив ќе биде и Вранецот.

„Познато е дека Вранецот е сорта која потекнува од Црна Гора и како балканска сорта се ширела и се одгледувала во целиот регион. Со текот на времето се распространила и во Македонија па денес имаме дури близу 11.000 хектари и најголемо производство. ‘Wines of Macedonia’ со поддршка на Министерството за земјоделство на Македонија досега инвестираше околу два милиона евра во последните 15 години. Вранецот е сорта која е отпорна на високите температури и имајќи ги предвид климатските промени во светот, може да стане уште повеќе интересна за поднебјата надвор од Европа. Затоа е потребно да работиме на промоцијата на оваа сорта која е перјаница на регионот и да укажеме на нејзиниот потенцијал. Следната година овј ден ќе се одбележува ширум светот. Во меѓувреме потребно е заеднички да организираме промоции на саемите во светските престолнини, за да ги запознаеме винската јавност и купувачите со нашите вина. Последните години сортата Вранец често е наградувана на натпреварувања, но сѐ уште не е доволно препознатлива и затоа е потребно уште повеќе да се работи“, истакнува Младеновска – Јеленковиќ.

Организацијата „Wines of Macedonia“ постои од 2010 година и континуирано работи на проектите за интернационална промоција на макеоднските вина, но и вината од регионот. Асоцијацијата е иницијатор за формирањето на Балканската винска мрежа коај е креирана оваа 2019 година, и која на 4-ти октомври во Скопје ќе ги постави и објави своите цели и планови за развој на винарството и лозарството во регионот.