Првите 15 експерти кои ќе им помогнат на домашните компании, ќе пристигнат во април

Петнаесет странски експерти ќе пристигнат до крајот на април за со своето знаење да им помогнат на домашните компании во насока на подобрување на работните процеси и зголемување на ефикасноста во работењето.На јавниот повик од Владата, 100 компании изразиле интерес за користењето на овие услуги.Во наредниот период ќе започне втората фаза од реализацијата на проектот, односно носење на експертите во Македонија, нивен престој и работа во компаниите кои изразиле интерес за тоа.

„На повикот на Владата се пријавија 100 компании кои изразија интерес за привлекување на 105 екеперти, бидејќи некои од нив имаа побарување на двајца или тројца. Имавме изразено интерес од  компани од различни профили според бројот на вработени, од најмалите под 50 вработени, па компании со преку стотици вработени,“ изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев.

Експертите ќе работат во компаниите од преработувачката индустрија, информатичко-комуникациски технологии, туризмот, образованието, земјоделието.

„По добивањето на пријавите од компаниите, заедно со нашите меѓународни партнери од Холандија и Германија со кои соработуваме во овој процес, направивме селекција на експерти. Потоа истиот експерт го поврзавме со домашната компанија за да се утврди профилот на кадар и дел од работниот процес,“ изјави Ѓоргиев

Значајно е да се истакне дека трошоците на компаниите ќе бидат минимални и ќе се однесуваат на покривање на трошоците за престој односно сместување на експертот. Останатите трошоци за обезбедување на самиот експерт, покривање на надоместокот, дневниците, превозот се покриваат од Владата и меѓународните партнери од Холандија и Германија.

По завршувањето на првата група, на секои 45 до 60 дена ќе доаѓаат нови групи експерти во компаниите кои изразиле потреба за тоа.

Преку соработката меѓу експертите и компаниите, ќе се подобри работењето на компанијата, ќе се зголеми профитабилноста, но и ќе има можност за отворање на нови работни места.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.