Првите адаптирани наставни програми и учебници од Кембриџ од септември во основните училишта

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, кој во Лондон учествува на Светскиот образовен форум 2014 – глобален самит на министри за образование од 80 земји, денеска имаше работна средба со Мајкл О’Саливан, генерален директор на Меѓународниот центар за наставни програми во состав на универзитетот Кембриџ.

Со оваа институција неодамна беше потпишан договор за имплементација на национално ниво на наставните програми и учебници на Кембриџ по математика и природни науки, со нивно прилагодување на националните особености во земјава.

Ристовски за МИА изјави дека е задоволен од соработката во проектот за адаптација на наставните програми и учебници кои во македонските училишта ќе се употребуваат од септември.

„Исклучително сум задоволен од досегашната соработка со, практично, најголемиот светски провајдер на меѓународни образовни програми и квалификации за деца на возраст од пет до 19 години. Преку нашето Биро за развој на образованието, во моментов работиме на адаптација на нивните наставни програми и учебници по математика и запознавање на околината кои, согласно со договорот, нашите ученици од прво до трето одделение ќе ги добијат во септември годинава. Експертите на Кембриџ се максимално посветени во тој дел. Заклучно со 2016 година македонскиот образовен систем во делот на основното образование ќе биде целосно реформиран по теркот на еден од најсовремените образовни системи во светски рамки“, истакна Ристовски.

Тој вчера имал неформална средба со британскиот министер за образование Мајкл Гоув, на која разговарале за можностите за продлабочување на соработката во образованието помеѓу Република Македонија и Велика Британија.

Предвидено е за време на престојот во Лондон Ристовски да се сретне и со британскиот заменик-министер за образование, Елизабет Трас, и да посети неколку основни и средни училишта.

Светскиот образовен форум во Лондон се одржува од 19-ти до 22 јануари. Тој е најголемиот интернационален собир на министри за образование, на кој се дебатираат идните практики во областа. Глобалниот аспект на форумот отвора можност за учесниците да ги разгледаат заедничките предизвици, да споделат искуства и позитивни практики, но и да воспостават кооперативен пристап кон образованието.