Првите пациенти во привремената болница во Белград, капацитети во Србија 6.000 кревети

Во привременaта болница, уредена во салите на Белградскиот саем за сместување на заболените со блага клиничка слика на Covid-19, во неделата се примени првите пациенти, до 20 часот вкупно 33 лица.

Привремените болници се организирани по примерот на методите користени во Кина при сузбивањето на епидемијата на коронавирусот и по советот на кинеските стручњаци кои минатата седмица допатуваа во Белград во рамките на кинеската државна помош за Србија, а целта е да се изолираат што повеќе пациенти со полесни симптоми и така да се забави ширењето на заразата.

Вакви слични импровизирани болници се организирани и во спортските сали во Ниш, Крагуевац и во Нови Сад.

Болницата во Белград, најголемото жариште на коронавирусот во Србија, може да прими 3.000 пациенти, а најавено е дека ширум Србија ќе бидат регионално сместени вкупно 6.000 пациенти, иако експертите од здравствениот штаб при српската влада се надеваат дека нема да мора да ги користат во целост и дека ќе ја сузбијат експоненцијалната крива на растот на заболените.

Пикот на коронакризата веројатно ќе се случи во петтата или шестата седмица, а ќе трае уште најмалку еден месец, оцени во неделата вечерта за Радиотелевизија Белград (РТС) епидемиологот Предраг Кон од Кризниот штаб на владата на Србија, прогнозирајќи дека олеснувањето може да се очекува во јуни.

Од сите граѓани ќе зависи дали властите ќе мора да воведат поригорозни мерки, но „сега е неопходна железна дисциплина“, бидејќи „ова се клучните седмици“ во развојот на епидемијата, оцени Кон.

Епидемиологот очекува дека вирусот ќе започне да слабее со пролетното затоплување и сончевите денови. Го повика населението да се придржува до препораките и советите на стручњаците, да ги почитува превентивните мерки и да ги избегнува социјалните контакти, бидејќи Србија „не смее да си дозволи да ѝ се случи италијанското и шпанското сценарио“.

Здравствениот кризен штаб на српската влада соопшти претходно во неделата дека во епидемијата на коронавирусот досега починале 13 пациенти кои може да се доведат во врска со Covid-19, тестирани се вкупно 2.462 лица, а до 29-ти март во 15 часот потврден е вкупно 741 случај на заразата.

Од саботата во 15 часот тестирани се 376 лица и кај 82 луѓе тестот бил позитивен, а забележани се три смртни исхода, додека на респиратори се вкупно 55 пациенти со тешка клиничка слика.

Нултиот пациент, првиот кај кого на 6-ти март во Србија официјално е потврден короанвирусот, отпуштен е во неделата како излекуван.