Првите патики „Ер Џордан“ продадени за 560.000 долари

Патиките на легендата на светската кошарка и долгогодишна ѕвезда на НБА лигата, Мајкл Џордан, со негов автограм а од неговата дебитантска сезона во Чикаго Булс, се продадени на интернет наддавање за рекордни 560.000 американски долари, соопшти аукциската куќа Sotheby’s.

Се очекуваше патиките огласени како „Air Jordan 1“, дизајнирани во 1985 година за еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, да постигнат цена меѓу 100.000 и 150.000 долари, но достигнаа рекордни 560.000 долари.

Досегашниот рекорд го држеа патиките на производителот „Nike“ од 1972 година, познати како „ Moon Shoe“ коишто минатата 2019 година беа на аукција продадени за 437.500 долари. Овој модел патики својот назив го должи на специфичната трага којашто ја остава на земја, а потсетува на отисокот кој во 1969 година го оставиле американските астронаути на Месечината.

Патиките „Air Jordan 1“ се првиот модел кој „Nike“ специјално ги креирале за Мајкл Џордан и кои кошаркарот ги носеше во текот на својата прва сезона во НБА лигата во дресот на Чикаго Булс.

„Има повеќе интерес околу Мајкл Џордан од кога и да е претходно“, изјави за медиумите познатиот продавач и колекционер Џордан Гелер.

Аукциската куќа објави дека рекордот се должи и на феноменот „Џорданоманија“ кајашто започна со емитувањето на документарниот сериски филм „Последниот танц“, посветен на кошаркарската легенда а се емитува на ESPN и Netflix.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.