Прво Светско Помирување

Наслов достоен за оние преубави цуциња – кокошки, кои кога ќе победат на некој натпревар за МИС обично едино што можат да го срочат како просто проширена реченица е: САКАМ МИР ВО СВЕТОТ!

Е, па сивупле

Помир немало одамна, ептен одамна. Вревата исчезна, остана само „бучавата“ не редoвното твитер, фејзбук инстаграм, хејтање, лајкање, кењање кој е за кого, леви-десни, а во суштина сме сите зани… прекрасноќи. Некој ќе се свести порано, некој подоцна. Одеднаш светот се обедини во развивње целулит, очобол од бленење во телевизор, мобилен, довчерашни емисии кои не можевте да ги поднесете станаа повторно „ХИНТЕРЕСАНТНИ“… (како мојата например J) партали на кои не би се удостоиле вашиот ултра-преценет клик да им го доделите, сега се омиљати и така… но, спокојот е најголемата придобивка… лажен секако. Никој не работи и минимална плата – рај за овој народ. Без оглед што сме до лајна до гуша… ама ќути и пливај, како што рекол Темпо.

Би требало да воведеме ваков ден, во цел свет, барем еднаш неделно, без сообраќај, „полициски час – за добро на сите нас“. Седи си мадро и лапај бурек, сукано, месено попарено, да живеат стриите и целулитот, и онака ова лето тешко дека ќе се изнагледаме фотографии од теткици со големи „шишки“ како си ги кријат стомаците со шарпи, деца пред нив или слика со стик од 4 метри висина да не се види слоевитоста на карантинoт како поминал. Ние пак мажите, горди на нашето пивско стомаче, кое стана каца за зелка за воено снабдување, ќе се влечеме ко моржеви ако имаме шанса за плажа. Допрва ќе профитирааат кардилозите, фармацијата со лековите за холестерол и висок пристисок и сродни срања… од искуство ви кажувам.

Политичко примирје – траен мир?

Многу политички тервенки се стишаа или драстично намалија. Име, презиме, хисторија и хистерија, се некако спласна… А, не може и да биде поинаку. Не навлегувам кој и како ни го споспика овој белосветски паничен напад, оправдан или не, реален или не, но ама баш никој не знае точно кој и со каква цел е овој експеримент на потполна контрола на светската популација, каде се предадовме со смкнати гаќи, без грам отпор. Но, велам не може поинаку, кога не знаеш што е и како е и зошто е, најдобро е да се препуштиш и чекаш да се одмота клопчето, тогаш, со повеќе сознанија и појасна слика ќе може да се делува. Морам да признаам, генијални се!

Ова е историска шанса за Македонија

Зошто? За конечно да го направиме она што скоро сите земји од источниот блок го направија, а кај нас не. Национално помирување. Пробавме неправдите да ги измениме со лустрација, но не проценивме доволно дека овој народ, оваа земја, се направени за комунистичко и тоталитаристичко владеење. Не се сложувате? Секако дека ги почитуваме мерките на полициски час, но кој ве спречува да излезете на балкон, да развиорите знаме, да ставите звучници и пуштите весела музика, пеете, да се довикувате во забавен муабет со комшиите? Никој, ништо не ви е забрането во полицски час гласен мубает, а сепак, ќутите ко „пусиња“ сокриени, грицкајќи нокти и флипс комбинирано додека рендате петици и вадите начоси. Со огромен мерак на слепо послушание, стутуруткани и со носевите наведнати, демек траорни, а во душа радосни што повторно духот на Мао и Сталин ни се врати. Ма, знаете дека еден систем не може подобро или полошо да ве заштити, но пусти мерак, ете пак по старо, како 48-ма.

Нејсе, и покрај грамчиња, малкуцка, демократија која срамежливо ќе изникне од внимателните пресови на опозицијата, сега е шанса за национално, обединување, надминување на разликите за сите отоворени и спротиставени прашања. Шанса која ја имате, бидејќи народот е повеќе од јасно дека си сака да биде владеен. Јасно е дека никој нема да уништи никого, но ако си терате некоја заедничка од интерес на сите агенда, тогаш велком.

Сега да може да има и да се направи најширока влада за национален спас, би можела комотно да владее наредните 20-30 години. Направите, ќе си владеете долго и сложно, и онака народот ама баш му е гајле, за демократија. Давајте му минималец и не ги враќајте платите по старо, чепнете и процент од пензиите, например 10-15 %, видовме дека немаше бунење во 90-те, освен тук и таму понекој статус со по пар стотини лајкови, а тоа е гола вода за било кој Пи-Ар на било која власт.

Шанса за наш локален мир, но и светски со оваа криза. Само да видиме, ако излезе и се појави некој обединител, е тогаш читајте го Откровенито.

„Стравот е болест – Надежта е единствен лек“ – Clone Wars

Автор: Јанко Илковски за НетПрес