Првпат во историјата на планетава повеќе стари лица отколку деца

Големото истражување на Обединетите нации покажало дека животниот век на жителите на Земјата се продолжил, но не се раѓаат доволно деца па на планетава денес живеат повеќе стари луѓе отколку млади потомци.

Кон крајот на минатата 2018 година бројот на лицата постари од 65 години го надминал бројот на помладите од пет години. Во моментов на светот живеат 705 милиони луѓе повозрасни од 65 години и околу 680 милиони деца до четиригодишна возраст.

Научниците предвидуваат дека до 2050 година разликата ќе биде уште поизразена: на едно дете на возраст од четири години ќе живеат две лица повозрасни од 65 години. Сѐ поголемиот јаз, на кој демографите предупредуваат со години наназад, упатува на тоа дека во повеќето земји на светот се живее повеќе, но се раѓаат премалку новороденчиња.

Кристофер Мареј, директор на Институтот за метрика на здравјето на Универзитетот Вашингтон, предвидува дека во иднина ќе има помалку деца и многу повеќе луѓе постари од 65 години, што значително ќе влијае на глобалното одржување на општеството. Потсетува дека во 1960 година стапката на наталитетот била многу повисока. Во просек на една жена доаѓале пет деца. Денес состојбата е сосема поинаква, а стапката на нателитетот се преполовила и изнесува 2,4 деца на една жена.

Денес пониската стапката на раѓање е поврзана главно со економскиот напредок, стапката на смртноста меѓу децата е пониска, подостапни се контрацептиските средства, а одгледувањето и образованието на децата вообичаено се многу скапи. Во развиените држави жените најчесто раѓаат деца во подоцнежната животна возраст, па како последица имаат и помалку деца.

Демографите велат дека општествено-економскиот напредок во 1960-те му одел во прилог на подмладокот. Во 1960 година луѓето во просек живееле малку повеќе од 52 години, а просечниот животен век во 2017 година досегнал 72 години. Тоа значи дека глобално сите живееме подолго и ни се потребни повеќе средства за живеење, што го зголемува притисокот врз пензискиот и секторот на јавното здравство.

Повозрасната популација е побројна во развиените земји во светот. Подобриот животен стандард значи дека во тие земји луѓето подолго живеат. Највозрасната популација живее во Јапонија, каде што просечниот животен век се приближил на бројката од 84 години, што е најголемата стапка во светот. Во 2018 година лицата повозрасни од 65 години сочинувал околу 27 отсто од населението, а уделот на децата помлади од пет години во вкупното население во Јапонија изнесувал 3,85 отсто. Овој двоен предизвик јапонските власти ги загрижува веќе со децении наназад, поради што минатата година предложија подигнување на границата за задолжителното одење во пензија од 65 на 70 години.

Меѓутоа, невоедначеноста во возраста на населението ги загрозува и земјите во развој. Кина, на пример, има многу помал удел на повозрасните од 65 години – 10,6 отсто од популацијата, отколку во Јапонија, но благодарејќи на строгата програма за раѓање променувана уште од 1970-те години, оваа втора економска сила на светот има и релативно висока стапка на наталитет, од 1,6 породувања по жена. Покрај тоа, децата помлади од пет години во Кина денес сочинуваа помалку од 6 проценти од вкупното население. Кина во текот на 2018 година забележала 1,5 милиони раѓања на деца, што е најнискиот број во последните повеќе од 60 години.

Африканските земји се на врвот на листата земји со висок наталитет и се најдобар пример за дилемата за „квантитетот – квалитетот“, кога станува збор за стапката на породувања. Најплодната земја на светот со 7,2 родени деца по жена во текот на 2017 година била Нигер. Меѓутоа, во африканските држави забечежана и е многу висока стапка на смртноста на деца. Така, на 1.000 од новородените умираат дури 85 деца.

За одржување на популацијата експертите пресметале дека 2,1 е „магичната“ бројка. Тоа е стапката на наталитет која демографите ја сметаат за неопходна за да се обнови населението на една земја. Меѓутоа, последните податоци на ОН покажуваат дека само малку повеќе од половината од земјите и регионите во светот, односно 113, се размножуваат со ваквото темпо. Научниците сметаат дека земјите со повисоките стапка на морталитет на децата и понизок просечен животен век им е потребна стапка на наталитет од 2,3, што е праг кој во моментов го достигнуваат само 99 земји во светот. Во Русија, на пример, стапката на наталитетот од само 1,75 отсто деца по мајка ќе придонесе до остар пад на руското население во претстојните неколку децении. Одделот за население при ОН пресметал дека до 2050 година населението на Русија ќе падне од сегашните 143 милиони на 132 милиони.

Експертите за популација предупредуваат дека клучна улога во ублажувањето на ефектите од стареењето на населението би требало да бидат политиките кои го промовираат јавното здравје.