Психоисторија 2020

908

Тогашната колумна (2009) со ист наслов беше по повод издавањето на Македонската Енциклопедија од МАНУ, поточно нејзиниот главен носител на проектот покојниот Блаже Ристовски. Тој дојде кај мене во емисија и долго говореше за Македонија, македонизмот, преродбениците и за енциклопедијата. Се дигна буна, пред се’ медиумска, која ја предизвика Велија и партиите за кои работеше, за истата да биде забранета (неформално) и до ден денес седи во визбите на академијата. Колегите кои се чаламат со македонизам како и политичарите кои имаа пристап и власт не смееја да писнат од пусти страв, оти вулгарен збор бил запишан во енциклопедијата кон Албанците (ши*тар), а и тогаш и денес на сите ни е јасно дека игранката била сосема друга.

Го употебив Исак Асимов и неговите книги FOUNDATIONS како пример како се манипулаира со масите на големо. Очегледнo и ние сме биле доволен примерок. Нам денес ни се врши не само орвеловско ревидирање на историјата дури и на дневна база, не само на она што сме, туку и начинот на кој тоа се прави е како во психоисторија – предивидување на однесување на масите во општествени рамки и кон кој правец ќе се движат. А, нас очигледно точно не’ прочитале и се’ што направија е така одлично, ем спектакуларно изведено да немам сомнеж дека ова најмалку е домашна игранка. Не се гордеам со моите сознанија уште од тогаш, оти никогаш тоа не бил мој прерогатив.

Немам ама никакви самобендисани помисли како што обично би се пувале дефендерите на макеоднштината, оние најистурените, кои пак се покажаа само лукративни борци, благи на уста откако ќешот во торбата со Харли ќе им биде испорачана. Количински не колку во Луј Витонот, ама тука некаде, збирно на подолг рок. Пишанката од тогаш ми е неверојатно комплементарна денес, иако има преку десет години, сивупле…

Златна есен, плодовите се берат, теглите се полнат, џебовите се попразни, но на некој чудесен начин народов помалку се занимава со економија, туку со реакција на реакцијата на реакционерите. Цепки. Трансцендентално се пренесоа тајните архиви од МАНУ дигитализирано се емитуваа преку телепатски посредници преку уредници на медиуми, кои ги добиваа од некаков мистичен извор со се детали и како да се реагира. Само малку ја утнаа работата, лепешката некако не успеа да се залепи на главите на оние од власта. Дамнит! Следниот пат ќе мора да се биде елементарно попрецизно, но и ова беше добра вежба за она што доаѓа.

Се сеќавам на Енциклопедија Британика преведена на македонски која ни ја поделија пред неколку години. Таму податоците за Македонија се разликуваа од оригиналната, изворната Ениклопедија Британика, тогаш никој не се побуни. Мислам податоците беа сервирани на штета на Македоците тогаш, ама некако, нам ни е дегутантно да излегуваме на улица… не друго, шо ќе кажат комшиите. Што па толку пенавење за една енциклопедија ? – ќе речете… хммм…

Хари Селдон е имагинарниот лик од Фоундатион, фантастичната трилогија на Исак Асимов кој ја создава Енциклопедиа Галактика и авторитет од космички пропорции кои многумина со стотици илјади години ја користат и ја обликуваат историјата на иднината благодарение на неговото животно дело. Хари Селдон создава енциклопедија и во одредени историски моменти праќа снимени свои настапи, стотици години по смртта, во кои укажува како и во кој правец да се движи општеството. Тој пишувајќи ја енциклопедијата развил паралелна гранка наречена Психоисторија со која многу прецизно можел да ги предвиди големите кризи и за да не западне човештвото во некакво мрачно доба им се јавува со совети како да реагираат. Величествено! Врз познавањето на историјата и историската вистина може да се предвидат сите идни кризи и според тоа, може да се реагира како да се надминат. Само ќелавиот дибек Стинг пееше History will teach us nothing – слободно преведено – од историјата нема ништо да научиме. Затоа неговите цд-а кај мене сега служат како антирадар систем во ладата на комшијата од 1979-та.

Јапонците пак велат – Одиме напред, но со лицето свртено назад. Прогрес со длабоко познавање (и почитување) на минатото, тоа беше нивниот клуч на успехот. Со колку само болни вистини мораа да се соочат. Какви само беа реакциите на Корејците кога во Јапонија објавија некои лаконски заклучоци за дејствувањето на царската војска за време на Втората светска војна во Кина и Кореја. Јапонија одбива дополнително да го толчи сопствениот народ со историски вистини, со огромни загуби и пар бомби беа доволна казна за гревовите кои ги направија.

Се додека некое говедо ви го врти ликот од вистинските проблеми, се додека некој лесно ве внесува во игрите на есенското сценарио, само му служите на Златното Теле, но најстрашно е што не можете ни профит да извадите од тоа…само да се грицка народот, не си правите добро ниту ќе си направите. Енциклопедијата не е проблем, проблем е дека овде има луѓе кои сакаат да создаваат проблем, повод, секогаш ќе има, ова беше еден од низата. ОДИМЕ НА СЛЕДНИОТ.

ПС: …тогаш на најтаен начин се најде на интернет македонската енциклопедија во ПДФ формат и бргу беше разграбана од народот откако укажав. Добив многу закани заради тоа, но никој не можеше да докаже дека јас сум го сторил тоа (а, не сум), но секако пуштив вода дека ако побараат ќе најдат, бидејќи таа и натаму е под копирајт но е доволно раширена за секој кој си ја сака земјата, да ја најде. Јас не знам каде е и како до неа, но оние посветените ќе најдат начин.

Автор: Јанко Илковски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.