ПССЕ: Македонија постигна напредок во медиумските слободи, со внимание ќе се следи изборниот процес

Зимската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) беше интензивна, посебно за македонската собраниска делегација во состав Бетиан Китев (претседател на делегацијата), Шпреса Хадри и Никола Попоски. Откако беше оспорен на почетокот на сесијата нејзиното полномоштво, сепак по објаснувањето дадено пред комисијата за правилникот на ПССЕ од страна на македонскиот член во неа Никола Попоски, беше прифатено дека родовата застапеност во делегацијата е правична и во согласност со правилата на ПССЕ, со што таа беше верификувана, по што таа можеше активно да се вклучи во повеќе значајни дебати и гласања, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Шефот на македонската собраниска делегација Бетиан Китев, нагласува дека оваа зимска сесија беше интересна, притоа тој тука ја наведува дебатата за акредитациите на руската делегација. Потоа, дебатата за политичките случувања во Азербејџан, но исто така и за демократските процеси во повеќе земји, како повторното отворање на мониторинг процесот за една земја членка на ЕУ, а тоа е Полска.

-Оваа зимска сесија беше прилично атрактивна и од аспект на следење и од аспект на носење на одлуки од самата асамблеја, бидејќи се покренаа многу важни прашања посебно во делот на функционирањето на медиумите, заштитата на новинарите на европско тло. Сето ова покажува дека Советот на Европа иако е можеби критикуван подолг временски период, сепак за одредени прашања кои што се важни за да се потенцира владеењето на правото и унапредувањето на правата насекаде на тлото на Европа се уште се држи цврсто, стабилно и дава препораки до владите и парламентите на сите 47 земји членки. Така можеме да заклучиме по оваа сесија дека Советот на Европа е сè уште единствената  брана за евентуалното прекршување на човековите права, владеењето на правото, доколку се најдат некакви деформации во земјите членки и се разбира опфатот на сите други прашања за сите они кои учествуваат во една од највлијателните политички меѓународни организации, изјави Китев за МИА.

Понатаму пратеникот од редовите на СДСМ посебно го посочува извештајот за медиумските слободи во земјите членки на Европа, во кој ситуацијата во Северна Македонија беше посочена како позитивен пример.

-За македонската политика условно кажано, најзначајно беше тоа што, барем откако сум јас присутен во овие две години, нашиот би рекол голем пријател Лордот Фолкс, успеа преку неговиот извештај да образложи, да покаже, да им докаже на сите останати колеги во ПССЕ, дека македонскиот модел на функционирање и демократските процеси кои се менуваат на подобро имале свое влијание и на подбри состојби во сферата на медиумите и во возобновувањето на слободата на говорот, кои што беше едно прашање за кое бевме третирани многу негативни пред две или три години. Всушност во извештајот Лордот Фолкс укажа дека во македонскиот случај има голем напредок, дека е вратена слободата на говорење и дека тоа е добар пример кој што треба да го следат многу други држави. Се разбира експлицитно, јасно без било која задршка ги потенцираше негативностите од минатото и укажа дека навистина македонскиот случај е добар случај и треба да биде копиран и во останатите држави, кои што се во битка за да издејствуваат слободен терен за новинарите, за медиумите за целата новинарска фела, што треба да ја пренесе вистината до граѓаните, завршува Китев.

Пратеникот Никола Попоски од ВМРО-ДПМНЕ акцентот го става врз претстојните парламентарни избори, кои ќе бидат будно следени од ПССЕ.

-Веројатно најбитниот дел за Македонија е погледот кон следните избори, бидејќи Советот на Европа ќе има мониторинг мисија за набљудување, најмногу прашања се однесуваат за очекувања во тој дел, но сметам дека сите сме согласни дека сите услови се исполнети да има демократска атмосфера и да има еден  натпревар  кој доликува на една земја која одамна има заслужено да биде дел од преговорите за членство во ЕУ. Во тој контекст мислам дека и очекувањата на мониторинг мисијата ќе бидат целосно позитивно поклопени и нема да има изненадувања во тој дел, изјави тој за МИА.

Според Попоски, претстојните избори ќе бидат клучни.

-Во овој момент ни претстои период во кој се очекува за спроведување на  избори, имаме техничка влада која е задолжена за тоа. Целото внимание ќе биде свртено како ќе се одвива изборниот процес, но мислам дека се исполнети сите критериуми да има една одлична, позитивна и конкурентна  клима, која само ќе потврди дека оваа неправда со големо задоцнување за започнување на преговорите е нешто што треба да биде надминато час поскоро. Впрочем тоа го слушнавме и од многу претставници кои доаѓаат од земји членки на ЕУ. Затоа сметам дека мониторинг мисијата на Советот на Европа ќе има релативно лесна задача во заклучување на нивните очекувања дека процесот е конкурентен и дека ќе можеме да се посветиме малку повеќе на оние суштински прашања најбитни за граѓаните во исполнување на стандардите кои се очекуваат од нас, завршува тој.

ПССЕ се очекува да испрати наскоро своја предизборна мисија, а потоа и набљудувачка мисија која ќе ги следи парламентарните избори.