ПССЕ: Во соочувањето со пандемијата треба да се почитуваат економските и социјални права

Европските граѓани секоја вечер се наоѓаат на балконите и прозорците за да им оддадат почит на здравствените работници, но Европа не смее да биде задоволна со аплауз и благодарност, рече Луис Леите Рамос (Португалија , ЕНП / ДХ), претседател на Комисијата за социјални прашања, здравство и одржлив развој на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), јави дописникот на МИА.

-Како никогаш досега, од Втората светска војна, пандемијата  ја откри потребата за силна заштита на човековите права, особено на економските и социјалните права. Токму моделот на општеството засновано врз човековите права, демократијата и владеењето на правото, е во опасност денес и наша должност на сите е да останеме будни во однос на неволјите и болеста, додаде Леите Рамос.

Во овој контекст, тој соопшти дека е даден предлог за резолуција од страна на Џенифер Де Темерман (Франција, АЛДЕ), претседателка на Поткомисијата за јавно здравје и одржлив развој и потпишана од членови на Комисијата за социјални и здравствени прашања и одржлив развој и други членови на парламентарното собрание, под наслов „КОВИД-19 – ефикасен одговор што ги почитува човековите права“.

-Загрижена сум што некои држави преземаат сомнителни мерки во демократски термини, под изговор на пандемијата. Здравствената ургентност беше предвидена во 2016 година од страна на ПССЕ. Тековната состојба ја нагласува апсолутната потреба да ги разгледаме нашите приоритети како и улогата на чувари на човековите права на парламентарците на Советот на Европа, изјави Де Темерман.

-Покрај тешката состојба во која Ковид-19 ги втурна нашите болници, ние мора да останеме што е можно поблиску до старите лица за да им гарантираме заштита на нивните права и одржување на меѓугенерациската солидарност, изјави од своја страна Селин Сајек Боке (Турција, СПЦ), претседателката на Поткомисијата за Европската социјална повелба.

-Правото на здравје, социјална заштита, вработување, образование и заштита од дискриминација е под голема тензија. Повеќе од кога било, правата заштитени со Европската социјална повелба се оспорени , изрази загриженост таа.

„Затворањето на училиштата на континентот обезбедува заштита на животот на младите луѓе и иднината на сите народи во Европа, но, исто така, претставува предизвик за најдобрите интереси на децата и еднакви можности“, изјави од своја страна лордот Дон Тјуг (Велика Британија, СПЦ), претседател на Поткомисијата за деца.

Костутис Масиулис (Литванија, ЕНП / ДХ), претседател на поткомисијата за Наградата Европа, изјави дека активностите на поткомисијата ќе продолжат.

-И покрај тешкотиите, комисијата за социјални работи, здравство и одржлив развој е најблиску до ранливите во Европа. Таа ќе ја продолжи својата демократска мисија – тоа е најмалку што можеме да сториме, додека здравствените работници ги ризикуваат своите животи, а граѓаните ги губат своите животи , заклучи Леите Рамос, претседателот на комисијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.