ПСУ „Јахја Кемал“ домаќин на Светскиот ученички куп во јуни

Приватното средно училиште „Јахја Кемал” соопшти дека поради коронавирусот Светскиот ученички куп (The World Scholar’s Cup – WSC), кој требаше да се одржува овие денови, одложен е за јуни. Училиштето од 4 до 6 јуни третпат ќе биде домаќин на оваа меѓународна тимска академска програма за ученици од повеќе од 65 земји.

„Возобновен свет“ (A World Renewed) е темата на годинашниот натпревар, чија цел е да им овозможи на ученици од различни култури да дискутираат за актуелни прашања и идеи и да развиваат вештини за критичко размислување.

За натпреварот може да се пријават тимови од тројца ученици од исто или различно училиште и тие ќе се натпреваруваат во четири главни настани: ученички предизвик, пишување во тимови, дебатирање во тимови, и ученички квиз. Во зависност од возраста, тимовите се натпреваруваат во две категории –  јуниорска и сениорска.

-На регионалната рунда во Скопје, јуниорите ќе се натпреваруваат на 4 јуни, а сениорите на 5 јуни. Големото финале за двете категории ќе се одржи на 6 јуни во Филхармонијата. Учениците ќе имаат можност да се квалификуваат за глобална рунда во Прага, а потоа и за турнирот на шампиони на Универзитетот Јејл во САД, соопшти ПСУ „Јахја Кемал“.

Минатата година 450 ученици од земјава учествуваа на овој натпревар. Ученици од „Јахја Кемал“ освоија три златни и три сребрени, а ученици од ОУ „Песталоци“ три златни медали на глобалниот натпревар во Прага.