ПСЖ летово ќе мора да продава фудбалери за да избегне санкции од УЕФА

Челниците на францускиот фудбалски шампион Пати Сен Жермен треба на 20-ти април да се сретнат со претставниците на УЕФА поради можното кршење на финансискиот фер-плеј, а средбата треба да се одржи во седиштето на европската фудбалска федерација во Нион.

УЕФА неодамна започна истрага за финансиското работење на ПСЖ. Постојат сомневања дека париските „Светци“ ги прекршиле правилата на финансискиот фер-плеј, а како причина за тоа се скапите играчки засилувања, меѓу кои се истакнува минатогодишниот трансфер на Нејмар од Барселона за 222 милиони евра.

Според правилата на финансискиот фер-плеј, клубот во тригодишен период, кој завршува ова лет, не смее да акумулира повеќе од 30 милиони евра загуба.

Реномираниот француски спортски дневен весник L’Équipe објави дека ПСЖ во летниот преоден рок ќе мора да заработи 75 милиони евра од продажба на фудбалери, за да го покрие долгот и да ги избегне санкциите од УЕФА.