ПСЖ размислува домашните мечеви во Лигата на шампионите да ги игра во странство

Одлуката на владата со која во Франција до септември се забранети спортските настани на кои се собираат повеќе од 5.000 луѓе, ги натера челниците на француската фудбалска лига да го откажат продолжението на прекинатото првенство, а челниците на актуелниот првак Пари Сен Жермен да размислуваат за одигрување на домашните натпревари во Лигата на шампионите надвор од Франција.

„Ја почитуваме одлуката на франциската влада. Нашиот план е да го продолжиме натпреварувањето во Лигата на шампионите со согласност на УЕФА, кога и каде и да се одигруваат натпреварите. Ако не можеме да играме во Франција, ќе играме во странство, таму каде што ќе имаме најдобри услови за нашите играчи и каде што нашите луѓе ќе бидат сигурни“, изјави претседателот на ПСЖ, Насер ал-Келаифи, кого во вторникот го цитираа фанцуските медиуми.

ПСЖ преку Борусија Дортмунд се пласираше во четврфиналето на Лигата на шампионите пред пандемијата предизвикана од коронавирусот да се прошири и во Европа и да ги прекине натпреварувањата, како во националните лиги, така и во европските клупски натпреварувања. Реванш дуелот меѓу ПСЖ и Борусија беше одигран без присуство на гледачи на парискиот „Парк на принцовите“.

Европската фудбалска асоцијација УЕФА на сите 55 земји членки им даде рок до 25-ти мај да се изјаснат за судбината на нивните домашни натпреварувања, а според непотврдени информации, планот е да се довршат годинешните изданија на Лигата на шампионите и Лига Европа.