ПСЖ со седум „парчиња“ му се одмазди на Лил

Фудбалерите на Пари Сен Жермен силно влегоа во одбраната на титулата, а париските ѕвезди со 7:1 славеа на гостувањето кај Лил, кој пред две сезона им ја прекина низата од титули во француското првенство.

Голеадата во Лил ја отвори и затвори Килиан Мбапе. Веќе во првата минута францускиот репрезентативец погоди на асистенција од Лионел Меси, а хет-трикот го комплетираше на крајот од дуелот, кога Нејмар му асистираше за погодоците во 66 и 87 минута.

Во меѓувреме се Меси погоди во 27 минута на асистенција на Мендес, потоа Ашраф Хакими во 39 минута на додавање од Нејмар, а потоа на ред дојде и Бразилецот кој погоди во 43 и во 52 минута. Домашните единствениот гол го постигнаа во 54 минута за 1:5 преку Жонатан Бамба.

ПСЖ е на врвот на табелата со максималните девет бодови и гол-разлика 17:3. Ланс и Марсеј имаат по седум бодови, а Лил со четири бодови е 12-ти.

Фудбалерите на Ренс пред своите навивачи ја остварија првата победа во новата сезона со 2:1 над Ајачо. Мартен Терие во 18 минута ги доведе домашните во водство а израмни во 57 минута Мунаим ел Идризи, додека ново водство за Ренс донесе Артур Теате во 62 минута. Домашните во финишот од 81 до 90 минута остана со два играча помалку, исклучени беа Ромен Сален и Лесли Угочукву.

Ренс е деветти со четири бодови, а Ајачо има само еден е 18-ти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.