Пучдемон би можел да се врати во Барселона

Кандидатот за претседател на каталонската влада, Карлес Пучдемон, би можел уште во следните неколку часови да се врати од Белгија во Барселона, за во вторник да присуствува на расправата во каталонскиот парламент, иако со преминувањето на шпанската граница му се заканува апсење, изјави во понеделникот неговиот адвокат.

Шпанскиот Уставен суд во саботата пресуди дека 55-годишниот Карлес Пучдемон мора лично да присуствува на седницата на којашто би трабало повторно да биде избран на чело на автономната покраина Каталонија. Судот го забрани неговото именување на оддалеченост со видео-линк, а, исто така, и своето обраќање и правото на глас да му го препушти на друг пратеник во текот на гласањето.

Неговиот адвоката Јауме Алонсо-Кувељас оваа одлука ја нарече „минструозна“. Најави жалба на неа, и не ја отфрли можноста Пучдемон, кој е обвинет во Шпанија за бунт, непослушност кон власта и користење на јавните покраински пари за организирањето на референдумот за независност на Каталонија кој го прогласи за нелегален шпанскиот Уставен суд, да се обиде да дојде од Брисел во Барселона за лично да учествува во работата на парламентот.

„Доволно е храбар да се појави, да дозволи негово апсење па да експлодира притисокот во кој се наоѓаме“, изјави во понеделникот претпладнето Алонсо-Кувељас во разговор за каталонската радио станица RAC1.

Пучдемон го поддржуваат партиите за независност на Каталонија кои во декември на предвремените парламентарните избори освоија повеќе од половината од 135 пратенички мандати. Неговиот адвокат смета дека Пучдемон не би требало да биде уапсен, бидејќи е избран во парламентот на предвремените избори коишто ги распиша шпанската влада којашто ја суспендираше автономијата на покраината, откако во регионалниот парламент беше прогласена самостојна Република Каталонија.

„Не би морале да го уапсат, бидејќи има парламентарен имунитет. Пратеник е. Поради тоа не може да биде уапсен“, тврди адвокатот на Пучдемон.

Два дена по гласањето, на 29-ти октомври во Брисел со Пучдемон отпатуваа и четворица на неговата поранешна влада којашто ја распушти централната влада во Мадрид. Тие, исто така, се избрани во парламентот и им е забрането гласање на далечина. Двајца од нив во неделата се откажаа од пратеничкото место за да може друго двајца пратеници во Барселона да ги преземат нивните места и со заговорниците на независноста да ги обезбедат неопходните 68 гласови при гласањето.

Адвокатот на Пучдемон рече дека не ја исклучува жалбата пред Европскиот суд за човекови права поради судските потези во Шпанија.

Потпретседателката на шпанската влада, Сораја Сајнц де Сантамарија, во понеделникот истакна дека обвинетиот Пучдемон мора да се појави пред шпанскиот суд за веројатно да му се одреди притвор додека трае постапката.

Владата во Мадрид предводена од конзервативната Народна партија на премиерот Маријано Рахој, која на власт е од 2011 година, во петокот се жалеше пред Уставниот суд за номинирањето на Пучдемон за претседател на каталонската влада, должност на којашто беше од почетокот на 2016 до 28-ми октомври 2017 година, кога беше отстранет од неа.

„Одлуката на судот е добра вест за Шпанците коишто го почитуваат законот“, рече вицепремиерката де Сантамарија.