Пучдемон се наоѓа во Белгија, потврди неговиот адвокат

Белгискиот адвокат Пол Мекаерт во понеделникот вечерта потврди дека отстранетиот каталонски претседател Карлес Пучдемон се наоѓа во Белгија и оти е негов клиент, објави шпанското издание Vanguardia.

Белгискиот адвокат Пол Бекаерт не сакал да потврди за Reuters дали со каталонскиот челник Карлес Пучдемон работи на барањето азил.

„Можам да потврдам дека Карлес Пучдемон ме ангажираше за свој правен претставник, како и дека во моментов е во Белгија. Јас сум негов адвокат во случај доколку му биде потребно. Во овој момент нема посебни документи кои ги подготвувам за него“, истакнал Бекаерт во телефонската изјава.

Медиумите нагласуваат дека Бекаерт дејствува во подрачјето на општината Тиелт во западна Белгија.

Според Бекаерт, тој „добро ја познава Шпанија“ и политичките процеси во оваа земја. Додал дека не може да предвиди дали Пучдемон ќе добие азил во Белгија. „Може да побара азил, но јас не можам да предвидам каква ќе биде одлуката“, изјавил белгискиот адвокат за шпанскиот весник. Бекаерт истакнал дека во минатото „застапувал Баскијци и секога има изненадувања“.

Белгија може да му понуди азил на каталонскиот претседател Карлес Пучдемон кој прогласи независна Република Каталонија која ја укинаа шпанските власти, изјави белгискиот државен секретар за азил и миграции Тео Франкен, но неговиот предлог вечерта во неделата го негираше белгискиот премиер Шарл Мишел.

Односите меѓу Белгија и Шпанија се заладени поради сличната ситуации од 1990-те и 2000-те години, кога Белгија одби да екстрадира шпанска двојка, којашто била барана поради наводни врски со баскиската сепаратистичка милитантна организација ЕТА.

Претходно прес-службата соопшти дека владата на Каталонија не располага со информации каде се наоѓа отстранетиот претседател на владата Пучдемон.

Шпанската новинска агенција EFE објави претходно во понеделникот дека Пучдемон од Каталонија со автомобил отпатувал во Марсеј на југоистокот на Франција и оти од таму со авион се упатил кон Брисел. Според агенцијата, Пучдемон е придружуван од неколку високи функционери на неговата владата

Партијата на Пучдемон во понеделникот објави дека ќе настапи на предвремените избори во Каталонија коишто за 21-ви декември ги распиша шпанската влада на премиерот Маријано Рахој, кој ја суспендира автономијата на покраината Каталонија.