11.8 C
Skopje
четврток, април 25, 2024

„Пуцко Петрол“ е рекордер по добиени државни тендери во последните две години

Фирмата на семејството на градоначалникот на Пласница, „Пуцко Петрол“ е рекордер по суми во добиени тендери од државни институции откако СДСМ дојде на власт, во 2017 година, пишува Вечер.

Од јуни 2017 година до средината на овој месец, „Пуцко Петрол“ има добиено тендери во вредност од речиси 50 милиони евра.

По случајот со Министерството за одбрана, кога пред две години порталот МКД.мк откри дека компанијата од општина Пласница „Пуцко петрол” склучила неколку договори со ова министерство за снабдување со мазут, компанијата продолжува да го прави истото со други државни институции и тоа без лиценца, пишува Вечер.

Фирмата “Пуцко Петрол“ е во сопственост на Исмаил Јахоски, кој во периодот 1996-2005 беше градоначалник од редовите на СДСМ, а од 2009 година до денес е градоначалник од редовите на ДУИ, на Пласница, најсиромашната општина во Македонија. За разлика од жителите на Пласница, градоначалникот Исмаил Јахоски е супер богаташ, функционер чија фирма во 2017/18 година доби тендери во државни институции вредни околу 35 милиони евра. Освен со премиерот Заев, градоначалникот Исмаил Јахоски важи за близок пријател и на Муса Џафери од ДУИ.

Последната лиценца за трговија со сурова нафта и нафтени деривати што „Пуцко петрол“ ја има е од 21 јули 2017 година. Во ова решение на Регулаторната комисија за енергетика не е наброена и дозволата за трговија со мазут М-1 HC. Согласно горенаведеното, Друштвото за производство, трговија и услуги ‘Пуцко петрол’ увоз-извоз ДООЕЛ Пласница не поседува лиценца за трговија на големо со Мазут М1 НС“, пишува во известувањето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. „Пуцко петрол“ по 21 јули 2017 година без лиценца за трговија со мазут склучил договори за набавка на мазут за Државниот студентски дом, за ЈЗУ општа болница во Гевгелија, за ЈЗУ општа болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар, за ЈЗУ општа болница Куманово „11 Октомври“ (92.000 кг Мазут М-1 ХЦ со содржина на сулфур најмногу до 1% m/m), како и со Министерство за одбрана предводено од министерката Радмила Шеќеринска.

Дали ова незаконско работење е криминал или не, треба да проверат надлежните служби. „Интересно“ е и тоа што на пример договорот со болницата од Куманово е потпишан во килограми, а мерките треба да се во литри. Мерењето во килограми при испораката е во секој случај помалку од мерењето во литри на течност. Уште една задача за инспекциските служби и за Антикорупциската комисија. Според порталот Фактор лани Пуцко Петрол добиле 300 тенедери за испорака на нафта и нафтени деривати на јавните и државни институции со што за само две години станува водечка нафтна компанија во Македонија, пред Макпетрол и Лукоил.