„Пуцко петрол“ со милионски тендери ја завршува годинава

Оваа нафтена компанија во сопственост на семејството на градоначалникот на Пласница од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски.

Управата за јавни приходи по распишаниот тендер за набавка на лесно масло за горење за потребите на УЈП склучи договор со друштвото за производство, трговија и услуги „Пуцко петрол“ , во вредност од 6.563.042 денари.

Според Центарот за граѓански комуникации, којшто ја објави базата на податоци со сите набавки на општините во 2017 година, Пуцко петрол  склучил 29 договори во вредност од 3 милиони евра. Базата ги содржи сите 2.737 договори за јавни набавки  склучени меѓу 80-те општини и Градот Скопје со 1.048 фирми.

На оваа листа, „Пуцко петрол“ е компанија со склучени највредни договори за јавни
набавки во вредност од 2,9 милиони евра, на второ место е „Бауер БГ“, со 2,3 милиони
евра и на трето „НБ Цомпани“ од Тетово во вредност од 2 милиони евра.

„Во 2017 година општините потрошиле за јавни набавки 80 милиони евра, што е за 44% помалку од претходната година. Базата содржи податоци за општинските тендери за последните три години.
Базата на податоци за јавните набавки открива голем јаз помеѓу вредноста на набавките на општините.
Само десет општини потрошиле за јавни набавки половина од парите што ги трошат сите општини заедно, односно околу 42 милиони евра. И кај фирмите е забележана истата концентрација. Првите десет фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки заедно учествуваат со 22% во вкупната вредност на набавките на општините“, се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Нафтената компанија „Пуцко петрол“ го доби и тендерот на МЖ Транспорт за набавка на дизел гориво. Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ е 175.000.000 денари.

Компанијата, исто така, го доби и милионскиот тендер на општина Гостивар за набавка на екстра лесно масло за греење за училиштата во оваа локална самоуправа и за општинската зграда на општината. Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ е 26.737.081 денари.

Набавка на горива за „Улици и патишта“ исто така оди преку „Пуцко петрол“, а вредноста на тендерот е 41.300.000 денари.

Оваа нафтена компанија ја снабди со масло за горење и општина Чаир. За потребите на основните училишта и детски градинки, за грејната сезона 2018/2019, „Пуцко петрол“ ќе инкасира13.570.000 денари.

„Пуцко петрол“ е компанија во сопственост на семејството на градоначалникот на Пласница од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски.