Пукна најголемиот цилидричен аквариум во светот

Пукна огромниот аквариум со милион литри вода во него, кој се наоѓаше во фоајето на хотелот „Радисон Блу“ во Берлин, поплавувајќи ги просториите на хотелот и околните улици. Во „Аквадом“, најголемиот самоносечки цилиндричен аквариум во светот, висок 14 метри, имало 1.500 тропски риби, јави ББС.

Од полицијата велат дека две лица се повредени од парчиња стакло додека гостите се евакуирани од хотелот.

Аквариумот бил модернизиран пред две години и претставувал вистинска атракција за посетителите при што некои хотелски соби дури биле рекламирани како посебни бидејќи нуделе поглед кон него.

Берлинската противпожарна бригада соопшти дека на терен се повеќе од 100 пожарникари и дека сѐ уште не е јасно како пукнал аквариумот.

Улицата “Карл-Либнехт”, каде што се наоѓа хотелот, е затворена поради „големо количество вода“, соопшти берлинската управа за јавен превоз. И на околните улици се слеваат големи количества вода, а на возачите им се препорачува внимателно возење, велат од полицијата. На веб-страницата на компанијата Seelife, која го одржувала аквариумот, има известување дека оваа атракција е затворена и тие бараат од посетителите да ја презакажат посетата.

Аквадом беше отворен во декември 2003 година и влезе во Гинисовата книга на рекорди како најголем цилиндричен аквариум во светот. Според извештаите од времето на неговата изградба, таа чинела околу 12,8 милиони евра.