Пушка, делови од оружје и муниција откриени при претрес во Македонска Каменица

Триесетгодишниот И.Г. во селото Моштица, општина Македонска Каменица, е приведен во понеделникот во акција на припадниците на ОВР Делчево, се наведува во дневниот билтен на Министерството за внатрешни работи.

При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени воздушна пушка „Умарех“ калибар 4,5 мм, метална цевка од ловечка пушка со должина од 35 см, метална цевка со должина од 55 см и кутија со 119 дијаболи.

Мажот бил задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.