Пуштен во употреба реконструираниот пат меѓу Горно и Долно Лакочереј

Претседателот на Владата Никола Груевски денеска престојуваше во работна посета на Охрид, при што на свечен начин го предаде во употреба новореконструираниот локален пат што ги поврзува селата Горно и Долно Лакочереј.

Обраќајќи се пред присутните, Груевски забележа дека токму еден период најмногу внимание било посветувано на локалните патишта, поради фактот што тие патни правци се од најголемо значење за населението, оттаму што се користат секојдневно.

– Ние долг период работевме на инвестиции во локални и регионални патишта. Локалните оние што ги поврзуваат село со град, село со село, населено место со друго населено место и коишто луѓето секојдневно ги користат и регионалните помеѓу два града па бевме критикувани дека ете не сме доволно посветени на автопати, туку само на локални и регионални патишта. Да, бевме еден период посветени на локални и регионални патишта затоа што најмногу луѓето нив ги користат. Тие им се секојдневие. Тие им се одење и враќање од работа, тие им се излегување во град или одење на село, тие најмногу им значат, истакна премиерот.

Тој нагласи дека стратегијата за изградба и обнова на патиштата низ Македонија продолжува да се реализира со несмалено темпо.

– Се градат автопати, се градат регионални патишта, се реконструираат и понатаму локални патишта. Се гради како ретко во минатото. Од 2010 година досега само за локални патишта имаме инвестирано околу 48 милиони евра само за локални патишта. Имаме изградено и реконструирано 618 километри локален пат или вкупно инвестирано над 322 локални патишта низ цела Македонија. Претпоставувам повеќето од вас не ги виделе затоа што тие се расфрлани насекаде низ Македонија помеѓу еден град и едно село, помеѓу едно населено место и друго населено место и секој си гледа во негова близина, меѓутоа низ цела Македонија 322 локални патишта само од 2010 година наваму се направени или целосно реконструирани ако биле целосно руинирани, истакна тој.

g1

За охридскиот регион тој рече дека е дел од таа агенда, потсетувајќи на изградбата на патот за манастирот „Св. Недела“ кај Оровник, обиколницата на Охрид, локалниот пат за село Велгошти, патот од село Лескоец до село Скребатно, доизградбата на патот Ватила – Силуа, како и патот до селото Орман.

– Уште во 2011 година кога го пуштивме патот за село Орман ветивме дека ќе направиме се што е во наша моќ што поскоро да се реконструира и патот до селата Лакочереј. За разлика од некои други пред нас кои исто така многу пати ветуваа правење на овој пат, ние не заборавивме  на нашето ветување. Денес свечено го одбележуваме успешното реализирање на овој проект, истакна премиерот Груевски, најавувајќи продолжување на инвестициите во патната инфраструктура во Охрид и во околината.

Рече дека веќе течат активностите за изградба на автопатот Охрид – Кичево. Според него, овој проект е од исклучително значење за регионот, за туризмот, за градежните компании, за нови вработувања и во секоја друга смисла. Во текот на оваа година најави дека ќе се изрботи и соодветната документација за експресниот пат Охрид – Пештани. И оваа делница, како што рече, ќе биде од огромно значење за Охрид и воедно со проценета вредност од околу 60 милиони евра ќе биде една од најголемите инвестиции во овој регион.

Претседателот на Владата рече дека вчера бил реализиран состанок со министрите за транспорт и врски и за финансии, како и со градоначалникот на Охрид на кој било разговарано за приоритетите по однос активностите за подобрување на инфраструктурата во градот и околината.

g2

– Покрај инвестициите во изградба на патишта, навлезени сме и во многу други проекти од значење за Охрид.  Во тек е изградба на втора и трета фаза во канализацискиот систем во село Лескоец. Ја завршивме реконструкцијата на училиштето „Живко Чинго“ во Велгошти. Помогнавме за реконструкцијата на фасадите на црквите „Св. Богородица Перивлепта“ и „Св. Богородица Захумска“, го реконструиравме и изградивме археолошкиот локалитет „Манчевци“, даваме силна поддршка на манифестацијата и Националната установа „Охридско лето“, како и на други културни настани во Охрид, рече Груевски најавувајќи и реконструкција на болницата „Св. Еразмо“.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески истакна некои од градежните зафати што се во тек насочени за подобрување на патната инфраструктура во Република Македонија.

– Како никогаш досега во РМ во моментов се градат 132 километри нова автопатска мрежа. Тоа се патиштата Кичево – Охрид, Скопје – Штип и автопатот од Демир Капија до Смоквица. Сакам да истакнам дека последниве години посветено работиме на подобрување и на локалната патна мрежа во РМ. Заклучно со вчерашниот ден во  последните четири години се изградени и рехабилитирани вкупно 640 километри локална патна мрежа или тоа значи дека вкупно се изградени или рехабилитирани 336 локални патишта за што од Буџетот на РМ се издвоени вкупно 51 милион евра, рече Јанакиески.

Тој истакна дека во текот на наредната година започнува изградба на уште еден многу значаен пат за развој на охридскиот регион,  патниот правец од Охрид до Пештани во должина од околу 15 километри за што веќе е започната фаза на проектирање.

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески рече дека на реконструкцијата на патниот правец меѓу Горно и Долно Лакочереј му претходеше асфалтирање на главниот пат на улицата „Радојца Новиќиќ“ што ги поврзува селата со Охрид и асфалтирање на осум краци од истата улица.

– Претходно беше поставена нова канализациска мрежа во должина од 1,3 километри која првпат овозможи дел од селото Локочереј да се приклучи на основниот канализациски систем во градот Охрид. Поставени се и 11 премини што овозможуваат во иднина при секоја потреба од поставување подземна инсталација да не се оштетува асфалтот, истакна Бакрачески.

Премиерот Груевски во рамки на престојот на Охрид ги посети и туристичката населба Пештани каде неодамна беше завршена реконструкцијата и целосно уредување на дел од крајбрежниот појас во селото, како и локалитетите низ Охрид каде се спроведуваат проекти за реконструкција и изградба на објекти за промоција на културните вредности и културниот туризам на Охрид и Република Македонија. 

МИА