Пуштена за сообраќај крстосницата во штипската населба Сењак

Отворена е за сообраќај крстосницата „Сремски фронт“ и „Борис Крајгер“ во штипската населба Сењак. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски истакна дека станува збор за модерна крстосница која се реализираше со средства од министерството во висина од 12 милиони денари.

– Инвестиравме во модерна крстосница затоа што старото сообраќајно решение веќе беше претесно и опасно како потенцијална црна точка за жителите на Штип. Од денеска имаме нова модерна сообраќајна крстосница изградена по сите сообраќајни и европски стандарди. Денеска го означуваме пуштањето во употреба на овој значаен проект за граѓаните на Штип со што верувам дека и преку овој проект во континуитет централната власт и Министерството за транспорт и врски најсилно го поддржува и помага за развојот на Штип и граѓаните на Штип, вели Бочварски.

Целосно новиот и модерен проект опфаќа проширување и отворање на крстосницата меѓу улиците „Сремски Фронт“ и „Борис Крајгер“, комплетно нов асфалт, светлосна сигнализација која значително ќе ја зголеми безбедноста на оваа прометна крстосница, дополнително проширени тротоари за безбедност на пешаците и изградба на нова автобуска постојка.

„Исто така сакам да потенцирам дека до сега преку Министерството ја завршивме и реконструкцијата на улицата „Панче Караѓозов“, за која вложивме околу 10 милиони денари. Денеска сакам да најавам дека преку истиот проект, избран е изведувач за реконструкција и на улиците „Солидарност“, „5-ти Конгрес“ и „Браќа Даневи“ со инвестиција од преку 450 илјади евра за што очекуваме градежните работи да започнат наскоро, во текот на летниот период. Следниот месец очекувам и започнување на градежни активности и за поставување на ограда на коритото на река Отиња со вредност од 5,5 милиони денари за што веќе го избравме изведувачот на работите, а по изборот на надзорниот орган влегуваме и овде во работа’, додаде Бочварски.

Со сите овие проекти Министерството за транспорт и врски обезбедува континуирана подршка за Општина Штип и граѓаните на Штип. Посочи дека до сега Министерството реализира три јавни повици каде се опфатени над четириесетина општини со преку 80 локални улици.

„Градењето на инфраструктура не смее да запре, посебно не во овие услови на светска криза, а нашите напори се токму во таа насока, да обезбедиме што повеќе работа за домашните градежни комапнии. Се наоѓаме во силен инвестициски циклус, инвестирајќи во изградба и модернизација на патната мрежа низ цела држава, комуналната инфраструктура и остануваме посветени на овој курс на обезбедување на просперитет на државата и за граѓаните“, вели Бочварски.

Крстосницата во штипската населба Сењак официјално за сообраќај е пуштена од денеска, инаку оваа крстосница беше позната црна сообраќајна точка, на која што имаше и несреќи со човечки жртви.