Пуштена во употреба нова спортска сала во Голема Речица

Нова спортска сала денес е пуштена во употреба во основното училиште „Перпарими“ во Голема Речица, Тетово.

Оваа сала е дел од владиниот проект за изградба и опремување на 145 училишни спортски сали.

На пуштањето во употреба на салата присуствуваа министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети и градоначалничката на Тетово Теута Арифи.

Новата спортска сала е со површина од 1.300 метри квадратни и ги обезбедува потребните услови за сите групни спортови, како ракомет, кошарка, мал фудбал и одбојка, а исто така со опремување на салата со спортски реквизити ќе се овозможи и изведување на сите гимнастички вежби. На тој начин создадени се соодветни услови за спортување за 688-те ученици од училиштето, соопшти Министерството за образование и наука.

Салата располага со трибина за гледачи со капацитет од 400 седишта, а како дел од инфраструктурата се и гардеробите, туш – кабините, санитарните јазли, просториите за сместување на спортските реквизити како и посебните простории за наставниците по предметот спорт и спортски активности.

При проектирањето и изградбата на спортската сала, според соопштението, се запазени сите најнови стандарди за градење на ваков тип објекти а особено е внимавано на сигурноста и квалитетот на вградените материјали како и енергетската ефикасност.

Како дел од проектот, во општина Тетово веќе се изградени и пуштени во употреба спортските сали во рамки на средното медицинско училиште „Никола Штејн“, средното општинско училиште „Кирил Пејчиновиќ“, како и во средното текстилно училиште „Ѓоце Стојчески “. Исто така, започната е изградбата на уште две спортски сали и тоа  во средните училишта „Моша Пијаде“ и „8-ми Септември“.

Според министерот Адеми, со овие инвестиции ќе се надмине долгогодишниот проблем на обезбедување основни услови за одржување на наставата по предметот спорт и спортски активности, што на долг рок ќе обезбеди и повисоко ниво на квалитет на спортот и спортските активности во нашите училишта.  Паралелно со тоа, потенцира Адеми, ќе се мотивираат сегашните ученици да членуваат во спортски клубови, репрезентации и да се натпреваруваат за постигнување на што подобри резултати во спортот за кој самите се определиле.