Путин бара тестирање на борбената готовност на Централниот воен округ

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска изјави дека рускиот претседател и Врховен командант на вооружените сили Владимир Путин одлучил да се изврши ненадејно комплексно тестирање на борбената готовност на целиот состав на Централниот воен округ.

– Согласно неговата наредба, денеска од 11 часот по московско време, војската на Централниот воен округ, како и единиците и групите кои се стационирани на негова територија, преминуваат во целосна борбена готовност, истакна Шојгу.

Рускиот министер за одбрана прецизира дека проверката ќе биде спроведена од денеска до 28 јуни.

Тој додаде дека за време на вежбата 98. воздушно-десантна дивизија ќе биде преместена од Иваново во Чељабинска област на оддалеченост од 1.500 километри, каде ќе биде извршен воздушен десант на полигонот Чебаркул.

На состанокот на раководството на Министерството за одбрана, началникот на Генералштабот Валериј Герасимов соопшти дека во проверката ќе учествуваат повеќе од 65.000 војници и околу 5.500 парчиња оружје и опрема, над 180 авиони и околу 60 хеликоптери. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.