Путин денеска во Србија, го следат над 600 новинари а го чуваат 5.000 српски и 300 руски полицајци

Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот доаѓа во официјална посета на Србија, каде што според најавите ќе го дочекаат повеќе од 70.000 луѓе од целата земја, чиешто доаѓање во Белград го организираат невладиниот сектор и патриотските организации кои важат за проруски, додека владејачката Српска напредна партија (СНС) на претседателот Александар Вучиќ ги ангажира локалните ограноци ширум земјата околу доаѓањето на партиските членови и приврзаници во престолнината.

Со безбедносни мерки на највисоко ново, како што е најавено, за безбедноста на рускиот претседател Владимир Путин, ќе бидат ангажирани повеќе од 5.000 српски полицајци и припадници на тајните служни, и околу 300 до 350 припадници на руските безбедносни служби, коишто според претходните пишувања на српските медиуми, претходно седмицава допатувале во Белград.

Посетата на Путин ќе ја следат околу 600 акредитирани домашни и странски новинари, сниматели и фоторепортери, а во извештајот од белград Associated Press истакнува дека рускиот челник доаѓа во неговата четврта посета на Србија од 2001 година. Американската агенција притоа, пренесувајќи исечоци од интервјуата на Путин за белградските медиуми објавени во средата во пресрет на посетата, ја истакна неговата оцена дека „политиката на САД и некои западни земји, која има цел да ја зајакне нивната доминација во регионот, претставува сериозен фактор на дестабилизација“.

Путин на аеродромот „Никола Тесла“ ќе го дочека домаќинот Вучиќ, а свечен дочек на шефот на руската дрќава ќе биде приреден пред Палатата Србија, во којашто ќе следат разговорите меѓу двата челника, министерските состаноци во проширен формат, како и средбите на државните делегации.

 

Косово, регионот и продлабочување на соработката во фокусот

Во фокусот на разговорите на двајцата претседатели покрај билатералните теми, ќе биде и актуелната ситуација во регионот, во прв ред прашањето на Косово, чијашто еднострана независност прогласена во 2008 година со поддршка на САД и водечките земји од ЕУ, Русија не ја признава и и` дава поддршка на Србија во ОН и другите меѓународни организации.

Пред посетата на Путин, во Белград во средата вечерта веќе допатува шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој на аеродромот „Никола Тесла“ го пречека српскито колега Ивица Дачиќ.

Со Путин во четвртокот, пак, ќе пристигнат и министрите за трговија и за труд, Денис Мантуров и Максим Топлин, министерот за дигитален развој, врски и масовни комуникации, Константин Носков, како и главниот директор на енергетската компанија „Росатом“, Алексеј Лихачов, објави руската агенција Sputnik и најави дека посетата на рускиот претседател на Белград ќе ја следи „од минута во минута“, а директни преноси од повеќето предвидени средби диретно ќе пренесува Радио-телевизија Србија.

Најавено е дека двете земји ќе потпишат дваесетина договори, меморандуми и протоколи за соработка, во области од економијата и инфраструктурата до науките и културата.

Во свечениот дел од посетата, како што е најавено, рускиот претседател на шефот на српската држава ќе му го врачи орденот на Александар Невски за придонес во соработката меѓу двете држави, по што Путин и Вучиќ ќе им се обратат на медиумите.

 

Вучиќ ќе му подари шарпланинче на Путин

Поради посетата на Путин во Белград денеска ќе има специјален режим на сообраќајот, многу улици ќе бидат затворени, некои од нив уште од средата во 22 часот до вечерва во 20 часот, а во сите градски училишта наставата ќе биде скратена. Во чест на Путин, фонтаната на Полоштадот Славија, покрај којашто ќе мине на пат до храмот на свети Сава, каде ќе го пречека мноштво граѓани од цела Србија, ќе биде во боите на руското и спрпското национално знаме – бела, сина и црвена.

Собирот на граѓаните од цела Србија и Белград, коишто пред најголемиот православен храм во регионот ќе го поздрават рускиот лидер, ќе започне во центарот на српската престолнина во раните попладневни часови, а доаѓањето на Путин пред црвката на свети Сава се очекува по 18 часот.

Српскиот челник Вучиќ ќе му подари на Путин тримесечни кутре од расата шарпланинец, како што се тврди „автохтоната раса од Шар Планина на Косово“, мажјак чиешто педигре се води седум генерации наназад. „Станува збор за најстарата автохнотна раса, а се наед дека претседателот Путина токму такви сака“, најавија белградските медиуми додавајќи дека Вучиќ на рускиот претседател ќе му подари и вредна православна икона.