Путин: Допрва треба да се види квалитетот на вратената опрема за Северен тек 1

Рускиот претседател Владимир Путин во средата рече дека не се знае во каква состојба гасната турбина за гасоводот Северен тек 1 ќе биде вратена по ремонтот во Канада, што дополнително ги зголеми неизвесностите во врска со тоа дали главниот гасовод преку кој Европа се снабдува со рускиот гас ќе биде повторно ставен во функција.

Рускиот претседател додаде и дека постои ризикот дека сервисираната опрема може да се исклучи, што би го запрел протокот на гасот преку Северен тек 1.

Рускиот државен гасен гигант „Газпром“ од средината на јуни за 60 отсто ги намали испораките на гас преку Северен тек 1, поради доцнењето на враќањето на турбината на германски „Siemens“. клучна за функционирањето на главната пумпна станица Полтоваја, од ремонтот во Канада. Истовремено трае редовниот годишен процес на одржување на цевководот.

Претходно седмицава се појави информацијата дека турбината, којашто Канада под влијание на Германија ја иззема од антируските санкции, е на пат да биде вратена во Русија и да биде вградена.

„Сега ни велат дека тие уреди ќе ги вратат…, барем едниот од нив. Но во каква состојба и со каков квалитет ќе бидат кога ќе бидат вратени и какви ќе бидат техничките параметри по ова од претходно планиран ремонт?“, рече Путин во текот на настанот пренесуван на државната телевизија.

„Можеби во еден момент ќе згасната, и тоа е тоа…, а Северен тек 1 ќе застане бидејќи уредите дојдоа од Канада“, додаде Путин без да наведе поединости.

Северен тек 1 има капацитет над 55 милијарди кубни метри гас годишно за извоз во Европската унија, која минатата 2021 година увезла вкупно околу 140 милијарди кубни метри гас од Русија. Тој и најголемата директна рута за снабдување на Европа со гас и според најавениот план би требало да биде повторно во цел обем да пуштен во функција по завршувањето на редовниот годишен процес на одржување на мрежата на почетокот од август.

Путин во средата нафрли дека може да дојде ддо натамошно намалување на снабдувањето преку гасоводот ко минува под дното на Балтичкото Море до Германија, водечката економска сила во Европа којашто критично е зависна од руските енергенси.