Путин ќе присуствува на Олимпијадата во Пекинг

Рускиот претседател Владимир Путин ќе присуствува на Зимските олимписки игри коишто од 4-ти до 22-ри февруари следната година ќе се одржуваат во кинеската престолнина Пекинг, потврдија од Кремљ.

Веста ја открил рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по средбата со кинескиот колега Ванг Ји во четвртокот во таџикистанската престолнина Душанбе, кога потврдил дека рускиот претседател ја прифатил поканата од кинескиот челник следната година на присуствува на Зимската олимпијада во Пекинг, пренесува агенцијата ТАСС.

„Претстедателот Владимир Путин со задоволство ја прифати поканата на Кси Џинпинг да присуствува на Зимските олимписки игри во Пекинг во февруари 2022 година. Секако, се надеваме дека кинеските и руските спортисти повторно ќе ги докажат своите највисоки спортски и лични квалитети“, изјави Лавров поздравувајќи го топлиот однос меѓу двата големи соседа.

Како и на неодманешните Летни олимписки игри во Токио, руските спортисти ќе настапат под знамето на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) поради контроверзната забрана на Светската антидопинг агенција (WADA).

Првичната пресуда на агенцијата од 2019 година ѝ забрани на Русија четиригодишно учествување на големите меѓународни натпреварувања, но откако се појавија документи дека спортисти особено од западнтие земји не биле санкционирани поради користење допинг и биле криени нивните тестови и по жалбата пред Армитражниот суд (CAS) казната беше ублажена на две години. Казната истекува во декември 2022 година.

Санкциите вклучуваат и забрана за руските функционери и претставници да присуствуваат на настани како што се Олимписките игри или светските првенства. Меѓутоа, една од одредбите не се однесува на претставник на власта кого шефот на државата или премиерот на земјата домаќин на наведениот настан ќе го покани на одредениот настан. Имајќи предвид дека Кси лично го поканил Путин, тоа ќе му овозможи на рускиот претседател да присуствува на ЗОИ во Пекинг.