Претседателот на Русија, Владимир Путин, денеска ги повика своите сограѓани да се вакцинираат против ковид-19.
– Ако некој сака да се чувствува сигурно, не сака да се разболи и да има тешки последици после болеста, тогаш најдобро е да се вакцинира – наведе Путин.
Тој во вторникот се вакцинираше, но не пред камери и не откри која од трите вакцина развиени во Русија ја примил, истакнувајќи дека сите се ефикасни.
– За да се укинат рестрикциите, околу 70 проценти од населението треба да се вакцинира. Ако вакцинацијата продолжи со истото темпо како досега, верувам дека до крајот на летото ќе ја постигнеме таа бројка – посочи Путин.
Речиси четири месеци од примената на вакцината Спутник В, што е одобрена во 56 држави во светот, Русија и понатаму има потешкотии да ги вакцинира своите 144 милиони жители.
Според анкета од почетокот на март, две-третини од Русите оцениле дека Ковид-19 е „биолошко оружје“ создадено од човекот, а 62 проценти од испитаниците изјавиле дека не сакаат да се вакцинираат.
Досега само четири милиони Руси ги примиле двете дози од вакцината, а два милиони само првата, што е околу четири отсто од населението.