Путин: Глупост е верзијата за вмешаност на Украина во експлозиите на Северен тек

Целосна глупост е верзијата за вмешаност на украински активисти во експлозиите вез гасоводите Северен тек 1 и 2 ланскиот септември во Блатичкото Море, изјави во вторникот вечерта рускиот претседател Владимир Путин во емисија на телевизискиот канал Россия 1.

„Експлозија од таков вид, со таква моќност, на таква длабочина може да ја изведат само специјалисти и притоа целосно поддржани од моќна земја којашто располага со одредени технологии“, рече Путин.

Објасни дека Русија не може да спроведе сопствена целосна истрага, бидејќи на нејзините стручњаци не им е дозволено да влезат на местото на експлозиите.

„Фактот дека станува збор за терористички напад повеќе за никого не е тајна. Според мене, тоа веќе сите го признаа. Покрај тоа, терористичкиот напад сосема јасно е извршен на државно ниво, бидејќи ниеден љубител на такви (нуркачки) активности не може да го изведе“, појасни Путин.

Неодреден беше одговорот на данските власти на руското барање да се спроведе истрага на четирите линии на двата гасовода Северен тек за експлозивни направи со учество на меѓународен стручен тим, продолжи Путин.

Но истакна дека експертите на рускиот гасен гигант „Газпром“ кој е доминантен сопственик на компаниите оператори со гасоводите во Балтикот при истрагата откриле одредено „столпче“ на растојание од околу 30 метри од местото на експлозијата, поставена на ранливо место, односно на спојката меѓу цевките.

„Експертите сметаат дека тоа може да биде антена за примање сигнал за активирање на експлозивна направа, којашто можеби, не тврдам но можно е, да била поставена под цевководниот систем“, изјави Путин.

Рускиот претседател оцени дека САД теоретски биле заинтересирани за такви инциденти, како што се експлозиите на гасоводите Северен тек, со цел да го испорачуваат својот течен природен гас (LNG) во Европа. Со тоа всушност Путин го повтори ставот на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел која одбивајќи ги притисоците од Вашингтон, Берлин да се откажеод „зависноста“ од рускиот гас, особено да го запре градењето на Северен тек 2 со кој требаше да се удвојат испораките на рускиот гас во Германија, е со цел да се создаде простор за пласирање на американскиот поскап течен гас.

„За извршувањето на терористички напад врз Северните текови можело да бидат поставени неколку експлозивни направи, некои експлодирале а некои не“, рече Путин.

Рускиот челник смета дека гасоводите имаат иднина, доколку европските партнери во нив заживее „инстинктот на национален интерес, независност и суверенитет“.

„Во светската практика не постои пример за поправка на вакви системи по вакви инциденти, но теоретски сѐ е можно. Само ќе биде потребно време, одредени суми, некои нови технологии“, рече Путин.

Кон крајот на септември минатата 2022 година и двата руски извозни гасоводи под Балтичкото Море – Северен тек 1 и Северен тек 2, беа ставен вон функција по саботажа. Шведска, Данска и Германија спроведуваат истраги, но се уште не дошле до конкретни резултати, а прелиминарните не ги соопштуваат објаснувајќи го со интерес од националната безбедност.

До мината седмица ниеден западен влијателен медиуми ниту западните политичари не го коментираа написот на американскиот наградуван американски новинар Сејмур Херш кој точно пред еден месец објави напис во кој прецизно наведува дати, личности, локации и опрема, и тврди дека зад експлозиите на четирите цевководи од гасоводите Северен тек 1 и 2 стои администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден. Според Херш, по деветмесечно планирање американските служби ги искористиле поморските вежби „Baltops“ на НАТО во јуни 2022-ра во Балтичкото Море да ги постават експлозивните направи кои три месеца подоцна ги активирала воената морнарица на Норвешка.

Меѓутоа, во средата западните челници започнаа со коментари од написите на американскoт весник The New York Times и на германски Zeit од вторникот дека во експлозијата наводно учествувале „проукраинска групација“ којашто наводно ја сочинувале Украинци и Руси и којашто „не е поврзана“ со украинскиот претседател Володомир Зеленски а била „против рускиот претседател Владимир Путин“. Потоа минатата среда на темата се надоврзаа и британски Times и германската телевизија Ntv со наводните исти сознанија со кои вината за терористичкиот напад врз критичната инфраструктура се префрла на неидентификувана „украинска компанија“ и индиректно врз Полска каде што наводно било седиштето и бил изнајмен бродот со кој била спроведена акцијата. Times, пак, објави дека разузнавачите на западните земји го знаат идентитетот на наводниот украински спонзор на саботажа на гасоводите.

Од Москва повеќепати наведоа дека сѐ уште со сигурност не знаат кој стои зад нападот, бидејќи на Русија не ѝ беше дозволено ниту учество во истрагата, ниту спроведување на самостојна истрага иако неодамна повика на формирање во рамките на ОН на меѓународна независна и транспарента истрага за терористички напад врз стратешка меѓународна инфраструктура.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.