Путин го потпиша законот за медиумите како „странски агенти“

Рускиот претседател Владимир Путин во саботата го потпиша законот за медиумите како „странски агенти“, реагирајќи во прв ред на одлуката на САД според којашто руската меѓународната телевизиска мрежа RT America, како и другите руски медиуми, мора да се регистрираат на тој начин во Америка.

Текстот на законот во средата беше усвоен во Советот на Федерацијата, горниот дом на рускиот парламент. За него гласаа 154 сенатори, а само еден беше воздржан. Минатата седмица едногласно го прифати и Думата, долниот дом на парламентот.

Овој закон се смета за руски одговор на американската одлука руската телевизиска мрежа RT America да се регистрира како „странски агент“.

Според рускиот закон како „странски агент“ треба да се регистрираат сите странски медиуми кои примаат средства или имоти до странство, вклучително и руски правни лица коишто се спонзорирани од странски извори. Истовремено, конкретните весници или телевизии во законот не се спомнати. Одлуката кој ќе биде прогласен за „странски агент“ ќе ја носи министерството за правда. За тоа може да биде формиран посебен регистар на медиуми „странски агенти“, доколку е потребно, предвидува законот.

Медиумите коишто ќе бидат прогласени за „странски агенти“, ќе мора да ги маркираат своите материјали и да објават соодветни отчети за изворите на финансирањето. Доколку тие одбијат да се регистрираат, тогаш ќе потпаднат под нормите од претходно во 2012 година донесениот закон за „странските агенти“ за невладините организации.

Руското министерство за правда веќе ги предупреди некои од масовните медиум дека може да се најдат на листата „странски агенти“, особено радијата Гласот на Америка, Радиото Слобода/Радио Слободна Европа кои ги финансира американскиот Конгрес, како и Крим.Реалии, Сибир.Реалии, Ideal.Ралии и телевизијата Сега.

Рускиот закон, за разлика од американскиот, остро го критикуваа невладините организации Human Rights Watch и Amnesty International.