Путин и Ердоган телефонски ќе разговараат за ситуацијата во Сирија

Претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган денеска телефонски ќе разговараат за ситуацијата во Сирија.

Претходно, официјална Москва соопшти дека сите напади врз руските и сириските владини сили во Идлиб мора да прекинат.
Ердоган денеска соопшти дека сириската Влада ќе ја плати цената за нападот на турските сили во Идлиб.

– Пруживме неопходен одговор на сириската страна на највисоко ниво. Особено во Идлиб. Го добија тоа што го заслужија. Но тоа не е доволно, ќе продолжи, истакна Ердоган.

Ердоган најави дека ќе објави детален план за тоа како Анкара ќе се постави кон развојот на ситуацијата во Идлиб.

Министерството за одбрана на Турција соопшти дека турските сили во Сирија нападнале 115 цели, што е одговор на претходните напади врз нивните војници во Идлиб.

Во соопштението на турското Министерство за одбрана се наведува дека 101 припадник на сириските владини сили се неутрализирани како и дека се уништени три тенкови и еден хеликоптер.