Путин и Трамп ќе се сретнат во петок во Осака

Претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин односно Доналд Трамп, ќе разговараат на маргините од самитот Г20 кој ќе се одржува од 28-ми јуни во јапонскиот град Осака, потврди во средата претставник на Кремљ, што ќе биде нивната прва официјална средба во период од речиси една година.

Средбата меѓу двајцата светски челници доаѓа во периодот околу зголемените тензии во врска со Иран. Трамп се закани со одмазнички напади врз Иран, откако го обвини за напади врз два нафтени танкера во Ормутскиот теснец, што Техеран го негира, и откако иранската војска собори американско беспилотно летало. Иран тврди дека американскиот дрон летал во иранскиот воздушен простор, што во Вашингтон го негираат.

Официјален Вашингтон сѐ уште не го потврди датумот за средбата, којашто веќе двапати претходно ја најавуваше, кога Москва остануваше без официјална реакција.

Договорот за контрола на вооружувањето, од кој Трамп се закани дека ќе истапи на што идентично одговори и Путин, исто така, ќе биде тема на раговорите, се наведува во соопштението на Кремљ за најавената средба. Дипломатот Јуриј Ушајов рече дека лидерите веројатно ќе разговараат за „стратешката стабилност и бројните регионални судири“, вклучително и за ситуациите во врска со Сирија, Венецуела и Иран, пренесе агенцијата РИА.

„Не станува збор за официјален самит, но се очекува дека разговарот примарно ќе биде фокусиран на регионалните безбедносни проблеми, во Иран, Украина, Сирија и на Блискиот исток. Би требало да ги споменат и договорот за контрола на вооружувањето и унапредувањето на билатералните односи“, рекол за Reuters висок американски службеник во администрацијата на претседателот.