Путин и Трамп разговарале повеќе од час за нукеларниот договор, Венецуела…

Американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин во петокот повеќе од еден час разговарале телефонски за можноста од постигнување нов договор за нуклеарното вооружување, ситуацијата во Венецуела, денуклеаризацијата на Северна Кореја, објавија Белата куќа и Кремљ.

Трамп рекол дека разговорите биле „многу продуктивни“, и во серија твитови алудираше дека било разговарано и за американската истрага за наводното руско мешање во американските претседателски избори во 2016 година на кои наводно тој ја имал помошта од Москва.

Според Кремљ, двајцата челници накусо разговарале и за извештајот на американскиот специјален обвинител Роберт Мјулер особено за неговиот дел во кој се наведува дека нема докази дека кампањата на Трамп била во договор со Русија.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, изјавила за новинарите дека Трамп и Путин разговарале за можноста од постигнување мултилатерален нуклеарен договор меѓу САД, Русија и Кина, или за продолжувањето на сегашниот американско-руски стратешки нуклеарен договор од кој Вашингтон се закани дека ќе истапи обвинувајќји ја за негово кршење Москва, која возврати со исто обвинување во обратна насока.

„Имаа многу добри разговрои, траеја нешто повеќе од еден час“, рекла Сандерс. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го потврди телефонскиот разговор кој се случил на иницијатива на Вашингтон и оценил дека било разговарано речиси час и половина.

Песков додал дека двајцата челници ги потврдиле „двостраните настојувања за активирање на дијалогот во различни области, вклучително и по прашањето на стратешката стабилност“.

Портпаролот на Кремљ потврдил дека Путин и Трамп ја отвориле тема за можно постигнување нов нуклеарен договор меѓу трите супер сили, или за продолжување на постојниот договор за стратешките и конвенционалните вооружувања.

Сандерс, исто така, додала дека значителен дел од разговорот бил посветен на разговроите на двајцата претседатели со севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун. Путин притоа го информирал Трамп за неодамнешните разговори со Ким во Владивосток. Рускиот челник истакнал дека доследното исполнување на обврските од страна на Северна Кореја мора да биде проследено со реципрочни чекори, алудирајќи на симнувањето на дел од санкциите против Пјонгјанг.

Од своја страна Трамп го повикал рускиот претседател да изврши притисок врз Северна Кореја во поглед на денуклеаризацијата. Притоа двете страни ја истакнале важноста од доследно придржување на патот на денуклеаризацијата и постигнување долгорочна нормализација на ситуацијата на Корејскиот полустров.

Двајцата портпароли потврдиле дека било разговарано и за состојбите во Венецуела и во Украина за којашто Путин истакнал дека новата власт во Киев мора да преземе реални чекори за рализација на договорите од Минск во врска со отцепените југоисточни региони.

Сандерс истакнала дека Трамп „дал јасно на знаење дека САД се со народот на Венецуела“. Песков, пак, информирал дека Путин потцртал дека „мешањето во внатрешните работи и обидите со сила да се промени власта го поткопуваат политичкото решение“ на венецуелската криза.

Тензиите меѓу Вашингтон и Москва последните денови пораснаа, бидејќи американската страна бара заминување од власта на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, а руската ги обвинува САД за обид да организираат државен преврат во земјата која е со најбогати докажани резерви на нафта во светот, како и со гас и други природни ресурси. Во петокот, по бурните настани и судири од вторникот и средата, животот во Венецуела главно се врати во нормалата.

Претходно во петокот американскиот привремен министер за одбрана Патрик Шанахан изјави дека војската на САД подготвува опции кои ќе зависат од развојот на ситуацијата во Венецуела, откао во Пентагон ги прими фунционерите од тимот на Трамп за национална безбедност, меѓу другите и државниот секретар Мајк Помпео и советникот за национална безнедност на Белата куќа, Џон Болтон, кои изминатата седмица беа најактивни во давањето изјави во врска со случувањата во оваа латиноамериканска земја и не ја исклучија можноста од американса воена интервенција.

„Имаме комплетна серија опции прилагодени на одредени околности. Како ситуацијата на теренот ќе се менува, ќе правиме измени и прилагодувања“, рече Шанахан. Потсети на зборовите на претседателот Трамп дека „сите опции се на масата“ кога станува збор за Венецуела.

Трамп и Путин, како што информирале Сандерс, раговарале и за билатералната трговија, којашто според неа се зголемила откако во Вашингтон е администрацијата на Трамп. Според Федералната царинска служба, во 2018 година трговијата меѓу САД и Русија изнесувала околу 25 милијарди долари, што е зголемување за речиси 8 отсто во однос на претходната 2017 година.

Сумирајќи го раговорот, Кремљ забележува дека Путин и Трамп „изразиле задоволство од успешниот деловен и конструктивен разговор“. Соговорниците, исто така, се договорите да продолжат билатералните конатки на ралични нивоа. Белата куќа од своја страна разговорот го оцени како „позитивен“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.