Путин и Трамп телефонски разговараа за кризата со коронавирусот

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп во текот на телефонскиот разговор во понеделникот изразија загриженост од глобалното ширење на коронавирусот, објави Кремљ, додека Белата куќа го истакнува делот од разговорот на двајцата челници во кој била постигната согласнот за тесна соработка во рамките на групата Г20, и заживување на глобалната економија која е под закана од голема рецесија.

„Двајцата челници, исто така, меѓусебно се информираа за преземените мерки во борбата против заканата (од коронавирусот – з.р.), разменија мислења за состојбата на светскиот пазар на нафтата и се договорија за билатерални консултации на ниво на министри за енергија“, се наведува, меѓу другото, во соопштението на Кремљ во кое се додава дека Путин и Трамп се договориле да ги продолжат личните контакти.

Претходно американскиот претседател Трамп за телевизијата Fox News најави дека со Путин ќе разговара за цените на нафтата, трговијата и борбата со коронавирусот. Истакна дека „дружењето со Русија е добро“, и оцени дека моменталните ниски цени на нафтата се резултат од „војната“ меѓу Москва и Ријад.

Трамп и Путин во понеделникот „разговараа за најважните билатерални и меѓународни теми“. „Лидерите на двете земји се согласија да соработуваат во рамките на Г20 со цел да се спроведе меѓународна кампања за борба против коронавирусот и да се ревитализира глобалната економија“, се наведува во писмената изјава на заменикот портпарол на Белата куќа, Џад Дир.

Трамп и Путин, исто така, „се согласија за важноста од (обезбедување) стабилност на глобалните пазари на енергија“, истакнува Дир.

Претседателите разговарале и за ситуацијата околу Венецуела. „Кога станува збор за Венецуела, претседателот Трамп повтори дека ситуацијата во Венецуела е тешка, и сите ние сме заинтересирани за демократската транзиција да стави крај на актуелната криза“, додава Дир.

По разговорот меѓу Путин и Трамп, се одржал и телефонски разговор меѓу министерот за надворешни работи на Русија и државниот секретар на САД, односно Сергеј Лавров и Мајкл Помпео. Двајцата шефови на дипломатиите, исто така, размениле мислење за актуелната ситуација во светот предизвикана од пандемијата на коронавирусот, според руското министерство за надворешни работи.

Помпео и Лавров ветиле дека ќе дадат силен придонес во спроведувањето од одлуките донесен на виртуелниот самит на Г20 на 26-ти март за глобален одговор против пандемијата и се осврнале на меѓународните теми, вклучително и сирискиот конфликт и билатералните односи.

Бројот на лицата кај кои е дијагностициран новиот коронавирус во Русија се зголеми на 1.836 за 302 нови случаи, со 11 смртни случаи. Неколку региони, вклучително и вториот по големина град Санкт Петербург и главниот град Москва, се во изолација од 30-ти март. Населението може да ги напушти домовите за купување намирници, лекови, за шетање на домашните миленичиња до 100 метри од домот и за фрлање на ѓубрето. Покрај тоа, Русија го забрани влезот на странските државјани и го затвори воздушниот и копнениот сообраќај со повеќето земји.

Бројот на потврдени случаи од коронавирусот во САД достигна на повеќе од 144.000, а бројот на смртните исходи надмина 2.500 луѓе, според податоците на универзитетот „Џонс Хопкинс“ чие седиште е во сојузната држава Мериленд.