Путин и Зеленски во телефонски разговор позитивно ја оцениле размената на затвореници

Рускиот претседател Владимир Путин остварил телефонски разговор во саботата со својот украински колега по должност Владимир Зеленски во чиј тек меѓу другото позитивно го оцениле денешното разменување на затворени лица меѓу двете земји, објави вечерта Кремљ.

Двајцата челници дале „позитивна оцена за ослободувањето и предавање на лицата задржани во Украина и во Русија“. „Истакнат беше хуманитарниот аспект на оваа акција, што е од големо значење за нормализацијата и подобрувањето на билатералните односи“, се вели во соопштението на службата за односи со јавноста на рускиот претседател.

Во телефонскиот разговор, кој се одвивал по иницијатива на Киев според Кремљ, Путин и Зеленски се согласиле за потребата од одржување на натамошни директни меѓусебни контакти.

Во разговорот, исто така, во текот на дискусијата за „меѓуукраинскиот договор“, како што го нарекува Москва, за смирување на состојбата во југоисточните рускојазични региони, претседателите ја истакнале важноста од сочувување на режимот на прекин на огнот, како и постојаното повлекување на армиската техника и опрема од линијата на контактот меѓу завојуваните страни, додаваат од Кремљ.

Путин во разговорот по прашањето за изгледите за организирање самит во ткн формат на Нормандиска четврка (Украина, Русија, Франција и Германија), ја истакнал неопходноста да продолжат сеопфатни подготовки за негово одржување, така што следната средба „во овој формат би дала резултати и реално ќе придоенсе за спроведување на постојните договори на највисоко ниво, во прв ред на Минскиот договор“.

Од својата страна, пак, известувајќи за телефонскиот разговор со Путин, украинскиот претседател Зеленски ја нарече денешата размена на државјаните на двете земји „прв чекор кон деблокирањето на дијалогот со Русија“.

Русија и Украина во саботата разменија групи свои државјани кои претходно се уапсени или осуден во двете земји во ткн формат „35 на 35“, на што му претстоеше долга работа и преговори меѓу двете страни. Москва ослободувањето на затворениците го нарече „добар знак и прв чекор на патот од конфрионтација кон дијалогот меѓу двете држави“.

Украинскиот претседател Зеленски за новинарите на аеродромот рече дека размената е дел од неговиот договор со Путин, кој претходно во четвртокот оцени дека размената ќе биде „позитивен чекор кон нормализацијата на односите“.

Како што шпекулираат медиумите, меѓу заробениците кои беа разменети е и лицето осомничено за соборувањето на малезискиот патнички авион во 2014 година во Донбас, кога загинаа 298 луѓе. Истовремено во саботата токму на оваа тема холандските правосудни власти имаа недоразбирања со украинските институции во набавката да се дојде до истрагата којашто се водеше од страна на Русија.

Размената покрај САД, Европската унија и водечките нејзини членки, во саботата ја поздрави и НАТО, но истовремено предупреди оти и натаму не се почитуваат договорите од Минск и оти мора да се дознае вистината за падот на малезискиот авион за кој се обвинува Москва, којашто, пак, изведува измиантите години спротивни аргументи и докази.

„Го поздравуваме ослободувањето на украинските морнари кои Русија ги притвори минатиот номеври, како и на режисерот Олег Сенцов. Ова е чекор во вистинска насока. НАТО и натаму ја повикува Русија да ги исполни своите обврски преземени со договорот од Минск, што вклучува ослободување на сите затвореници“, се наведува во соопштението на Алијансата без јасно да се наведе на кои задржани лица се мисли и дали Украина се придржува од одредбите од договорот поптишан во белоруската престолнина.

Американскиот претседател Доналд Трамп размената на заробениците ја оцени како „многу добра вест“ и „можеби првиот џиновски чекор кон мирот“. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, пак, изрази „олеснување“, а новиот претседател на Европскиот парламент, Давид Сасоли изрази „длабока радост“ поради оваа вест.