Путин му се заблагодарил на Трамп за информација која спречила терористички напад

Рускиот претседател Владимир Путин во телефонскиот разговор со американскиот колега Доналд Трамп во неделата му се заблагодарил за информација пренесена преку специјалните служби, којашто помогнала да се спречи терористички напад во Русија, соопшти Кремљ.

„Владимир Путин му се заблагодари на Доналд Трамп за информацијата предадена по линијата на специјалните службио, којашто помогна да се спречи извршување терористички напади во Рисија. Беше разгледуван комплекс прашања од заеднички интерес. Беше договорено продолжување на билатералната соработика во сферата за борбата против терориземи“, се наведува во кусото соопштение на Кремљ.

Притоа се наведува дека телефонскиот разговор меѓу двајцата челници бил по иницијатива на руската страна. Белата куќа засега не се огласи во врска со телефонскиот разговор.

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) објави подоцна во неделата дека во петокот благодарејќи на информациите добиени од САД се уапсени двајца руски државјани кои се подготвувале да изведат терористички напади во Санкт Петербург во време на новогодишните празници. Нападите биле планирани на места на масовно собирање на граѓаните.

Телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп доаѓа во периодот кога Вашингтон донесе нови санкции за компаниите кои се ангажирани на градбата на руските гасоводни проекти Северен тек 2 и Турски тек.

За тоа, особено за санкциите за гасоводот Северен тек 2 кој ќе носи руски гас директно до Германија, Путин во неделата телефонски разговарал со канцеларката Ангела Меркел, се наведува во посебно соопштение на Кремљ.

Двајцата договориле натамошно поддржување на проектот Северен тек 2, и позитивно ја оцениле денешната размена на заробеници меѓу украинските власти во Киев и властите на побунетите региони на истокот.