Путин најави втора руска вакцина против Ковид-19 во септември

Рускиот претседател, Владимир Путин, објави дека втората руска вакцина против корона вирусот ќе се појави во септември.

Во интервју за ТВ „Русија 24“, Путин истакна дека е убеден оти и оваа вакцина, исто така ќе биде сигурна и ефикасна.

„Како што ме информираа, втората вакцина ќе биде готова во септември. На нејзино создавање работи славниот Новосибирски институт. Убеден сум дека експертите ќе создадат исклучително ефикасно средство што ќе им помогне на луѓето“, ијави Путин.

Во однос на првата вакцина, Путин вели дека таа е регистрирана со услов на дополнителни тестови и дека треба да биде строго во согласност со руските закони.

Претседателот на Русија соопшти дека неговата ќерка, која ја примила руската вакцина, се чувствува добро. Тој додава дека таа не се консултирала со него и дека самата донела одлука да ја прими вакцината како волонтер.

Рускиот претседател се надева дека нема да има втор бран на вирусот и дека лекарите ќе можат да се справат со заразата.

„Се надевам дека успеавме да го поминеме пикот на епидемијата и дека можеме да се вратиме во нормала“, изјави Путин, додавајќи дека вирусот не исчезнал и дека мора да се почитуваат епидемиолошките мерки.