Путин нареди да се направи список на земјите кои воведоа санкции против Русија

Рускиот претседател Владимир Путин ѝ нареди на владата да состави и во рок од два дена да му достави список на земји кои воведоа санкции кон Руската Федерација.

Ова важи и за компании, организации и поединци, според указот на шефот на државата.

„Владата на Руската Федерација во рок од два дена да направи список на странски земји кои вршат непријателски дејствија против Руската Федерација, руските правни и физички лица“, се вели во соопштението.

Со овој указ, претседателот воспостави привремена постапка за плаќање на странски кредитори поврзани со земјите кои воведоа санкции кон Руската Федерација.