Путин: Новиот свет се гради во интересот исклучиво на една земја

Рускиот претседател Владимир Путин во интервју објавено во неделата на телевизискиот канал Россия 1, посочи дека Москва мора да ја земат предвид нуклеарната способност на НАТО предводен од Соединетите држави кои посакуваат пораз на Русија и градење свет само во свој интерес.

Во ова интервју рускиот претседател го повтори својот повик, на кој инсистира и сојузничката Кина, на создавање на мултиполарен свет.

„Против што сме? Против фактот дека овој нов свет, кој се појавува, се гради исклучително во интересот на една земја Соединетите држави. Сега кога нивните обиди да го реконфигурираат светот според својата слика по падот на Советскиот сојуз доведоа до оваа ситуација, должни сме да реагираме“, вели Путин.

Во однос на прашањата од нуклеарната сфера и нуклеарните договори, рускиот челник посочи дека во новонастанатата ситуација во светот Москва мора да ги земе предвид и потенцијалите на американските сојузници, во прв ред Велика Британија и Франција.

„Во денешните услови, кога сите водечки земји од НАТО објавија дека нивната главна цел е да ни биде нанесен стратешки пораз така да нашиот народ страда, како што велат, како можеме да ги пренебрегнеме нуклеарните способности во овие услови“, рече Путин.

Западот е индиректен соучесник во злосторствата коишто ги извршила Украина изминатите речиси девет години над руското и рускојазичното население во Донбас, додаде Путин.

„Ѝ испраќаат оружје на Украина во износи од десетици милијарди долари. Тоа е вистинско учество. Тоа значи дека учествуваат, иако не директно, во злосторствата на киевскиот режим“, додаде рускиот претседател.

Плановите за распарчување на Русија се ставени на хартија

Путин истакна дека Москва морала да одговори на обидите на западните земја да го преформатираат светот според своите идеи по распадот на некогашниот СССР, што доведе до опасна ситуација.

Додаде дека единствената цел на ткн колективен Запад е да ја уништи и распарчи Русија, а тие планови се документирани.

„Имаат со години една цел: да биде расцепкан поранешниот Советски сојуз и нејзиниот главен дел – Руската Федерација… Дури тогаш можеби ќе нѐ примат во таканареченото семејство на цивилизирани народи, но само засебно, секој дел посебно“, додаде рускиот челник.

Путин појасни дека намерите на Западот е да се подели Русија на различни ентитети со цел да ги уназади и да ги стави под своја контрола.

Путин посочи дека доколку Москва не реагира на политиките на западните земји, судбината на народите на Русија може кардинално да се промени, во прв ред, судбината на рускиот народ.

„Јас дури не знам дали таков етнос, како рускиот народ, може да опстане во формата во којашто постои денес“, истакна рускиот претседател.

Прецизираше дека наместо еден единствен руски народ, Западот сака да создаде „московјани, уралци итн“ и притоа таквите планови се сочинуваат во писмена форма.

„Сето тоа беше во плановите, кои се ставени на хартија. Едноставно, во услови на градењето на односите се обидовме (…) да не зборуваме за тоа. Но сѐ е таму, сето тоа е напишано, сѐ е ставено на хартија“, истакна Путин.